МАПАС: Пензиските друштва да достават зелен плик до членовите

57

mapas

Заради постојан увид на пензиските заштеди и транспарентност на системот, пензиските друштво до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со коишто управуваат, еднаш годишно имаат обврска да достават извештај за пензиската заштеда на индивидуалната сметка, на доброволната индивидуална сметка и на професионалната сметка и извештај за инвестициското портфолио, велат од МАПАС.

За едноставен и брз начин на информирање, членовите имаат можност извештаите за пензиска заштеда да ги добиваат и преку електронска пошта.

Во зелениот плик што ќе го добијат членовите на пензиските фондови има два извештаја. Првиот извештај претставува информација за состојбата на средствата на индивидуалната сметка за пензиска заштеда, а вториот содржи информации каде се инвестирани средствата на сите членови заедно со детални податоци за наплатените надоместоци и остварениот принос на пензискиот фонд.

Пензиските друштво до членовите и пензионираните членови на пензиските фондови со коишто управуваат, годишните известувања за 2015 година ќе треба да ги достават најдоцна до 31-ви март оваа година.

“Со цел точно и навремено доставување на редовните известувања – зелениот плик до своите членови, од особено значење е членовите на вториот и третиот столб да вршат ажурирање на своите лични податоци. За ажурирање или коригирање на своите податоци, членовите на пензиските фондови потребно е да се обратат во пензиското друштво коешто управува со пензискиот фонд во којшто членуваат“, стои на страницата на МАПАС.

МАПАС е агенција за супервизија на капитално финансирање пензиско осигурување. Оваа агенција има својство на право лице и е одговорна за издавање, повлекување и одземање на дозволи за основање на друштва, вршење дејност – управување со пензиски фондови и издавање, повлекување и укинување на одобренија за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови.