Маратонски самит, лидерите на ЕУ и натаму без договор за економскиот пакет

36

Лидерите на 27-те земји на ЕУ собрани во Брисел од петокот попладне сѐ уште не успеале да се договорат за стратегијата за економски спас од корона кризата, некои лидери заминаа дома на кусо, но се враќаат денеска за нова рунда преговори, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Најдолгиот ЕУ самит во историјата е тој од Ница во 2000-та кога лидерите тогаш требаше да се договорат за измени на основачките повелби на Унијата во рамките на големото проширување кон истокот. Пред дваесет години им требаа четири дена и четири ноќи на шефовите на држави и влади за да постигнат компромис, рекорд кој би можел да биде урнат овојпат.

Дваесет и седумте лидери од петокот се обидуваат да се договорат за износот и обликот на финансиската помош што им следува на земјите членки за справување со последиците од здравствената криза, а истовремено течат роковите за компромис околу седумгодишниот буџет на Унијата, од кој впрочем зависи и помошта.

ЕУ е поделена на три табора во овие преговори, главниот е помеѓу штедливите земји предводени од Холандија, во кој спаѓаат Австрија, Шведска и Данска, со срамежливо учество на финската влада, од другата страна се јужните земји, најпогодени од здравствената криза, и кои имаат поддршка од Германија и Франција. Третиот табор, помал, предводен од Унгарија, го сочинуваат неколку источни земји кои одбиваат новиот инструмент за спас од кризата да биде условен со владеењето на правото.

Суштината на преговорите се фокусира на износот и обликот на помошта. Начелниот предлог на Европската Комисија, поддржан од Германија, Франција и Европската централна банка се 750 милијарди евра поделени на грантови и заеми. Тука, паралелно се одвиваат и преговорите за парите кои земјите членки ги добиваат назад од заедничкиот буџет, познати како ‘rebate’ во бриселскиот жаргон.

Портпаролот на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој е одговорен да го изгради компромисот помеѓу сите земји и институции на ЕУ, на Твитер, во шест часот изутринава, соопшти дека нова пленарна сесија е закажана за четири часот попладнево, знак дека линиите на комуникација остануваат отворени, иако во исклучиво тензична атмосфера.

Во меѓувреме, луксембуршкиот и хрватскиот премиер беа приморани да се вратат дома на неколку часа поради национални политички обврски, но се уверува дека тие ќе се вратат во текот на денот за да присуствуваат на овој можен последен чин од преговорите.

Фото: Pixabay