
Извршниот потпретседател на Европската комисија Маргарет Вестагер доби неплатено отсуство за користење за време на кампањата за позицијата претседател на Бордот на директори на Европската инвестициска банка (ЕИБ), бидејќи данската влада официјално ја номинираше за тоа место, соопшти Европската комисија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одобри неплатено отсуство за извршниот потпретседател Вестагер, „нагласувајќи дека во тој период продолжуваат да се применуваат соодветните одредби од Договорот и Кодексот на однесување за членовите на Комисијата“, пренесува Хина.
За време на привременото отсуство, дел од должностите на потпретседателот Вестагер поврзани со координацијата на дигиталните политики ќе ги преземе потпретседателката Вера Јоурова, а политиката за пазарна конкуренција ќе ја преземе комесарот Дидие Рејндерс.
Маргарет Вестагер, која со години е задолжена за пазарната политика и стана позната по наметнување големи финансиски казни за дигиталните гиганти како Гугл и Епл, ќе се натпреварува за позицијата претседател на Европската инвестициска банка со шпанскиот министер за економија Надија Калвино.
Следниот претседател на ЕИБ ќе ја преземе функцијата во јануари 2024 година, а одлуката треба да ја донесат министрите за финансии на земјите-членки кон средината на овој месец.