Машиновозачите утре излегуваат на штрајк

19

На денешниот собир на Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) беше одлучено утре во седум часот членовите на НСММ при МЖ Транспорт а.д. Скопје да стапат во штрајк.

Тие ќе бараат враќање на првичните работни позиции на машиновозачите кои биле прераспоредени на други позиции со симнување на здравствената група, исплата на платите до 25-ти во месецот, како и внесување на методологодијата за пресметка на плата како кај МЖ Инфраструктура во Колективниот договор.

Барањата се содржани во одлуката за штрајкот на НСММ донесена на 5-ти овој месец. Првично штрајкот требаше да се реализира денес, но, според Синдикатот, е пролонгиран за утре во интерес на подобро информирање на патниците.

НСММ соопшти дека во тек на штрајкот согласно Законот за железнички систем, ќе сообраќаат меѓународните експресни возови, како и по еден воз на сите домашни релации. Патниците ќе добијат услуга само на возовите Скопје-Велес со број 2085/2082, Скопје – Битола  641/642,643/644, Скопје – Гевгелија 611/632,613/634, Скопје – Кочани  651/650, Скопје – Кичево 662/661 и Скопје-Табановци  возот со број 600/613.

Во известувањето од НСММ испратено и до Владата се наведува дека раководството на МЖ Транспорт направило кадровски промени кои довеле до општо незадоволство кај машиновозачите. Известувањето е испратено и до министерствата за транспорт и за труд и социјална политика и до МЖ Транспорт а.д. Скопје.