Маските се ефикасни, но битна е вентилацијата во затворен простор

61

Заштитните маски за лице и ограничен број на луѓе се добра мерка за спречување ширење на заразата, но добрата вентилација е многу побитна во борбата против пандемијата во затворен простор, покажува студија спроведена во Германија.

Научниците кои стојат зад студијата велат дека резултатите се применливи и за сузбивање на пандемијата кај поголема популација.

Околу 1.500 волонтери со заштитни маски и средство за дезинфекција на раце, како и со почитување на физичкото растојание, биле на поп концерт во Лајпциг во август. Концертот бил одржан во затворен простор и се мерело ширењето на вирусот кај поголем број луѓе.

Научниците симулирале три сценарија со различен број на посетители и физичко растојание меѓу нив. На тој начин развиле модел за да го анализираат протокот на аеросоли од заразените виртуелни гледачи.

Им било препорачано храната да ја консумираат само додека седат, просторот за чекање да биде на отворено, маските да останат на лицето во текот на целиот концерт и одговорни лица постојано да проверуваат дали се почитуваат хигиенските прописи.

Властите во Германија, исто така, планираат да инвестираат 500 милиони евра за подобрување на системите за вентилација во јавните установи за да се спречи ширење на коронавирусот.

Фото: Pixabay