Работната група на хрватското Министерство за транспорт работи на измени на Законот за патен транспорт, со кои законски ќе се овозможи воведување на автономни такси во секојдневна употреба, пишува Јутарњи лист.
Тоа е прв обид со тој закон да се пропише употреба на автономни возила во јавниот сообраќај, пишува весникот. Според предлогот кој е на маса и наскоро треба да оди на јавна расправа, правилата за автономните такси не се разликуваат од оние за „редовните“.
За да користи автономни возила како што е роботакси, операторот прво ќе треба да добие лиценца за јавен превоз на патници во домашниот сообраќај со автоматизирано возило и ќе му биде дозволено да превезе патници и да започне возење само на подрачјето за кое е добиена дозволата.
Сите автономни такси возила ќе можат да ги користат постоечките такси стојалишта и стојалишта што ги користат возилата за јавен превоз. Исто така, како и другите такси возила, ќе можат да користат специјално обележани ленти.
Според работната верзија на документот, роботакси ќе може да се нарача преку апликација во која патникот ќе може однапред да ја види рутата на патување и максималната цена.
Тоа е вистинската основа што ќе му овозможи на Мате Римац да воведе автономни такси возила, што го најавува повеќе од една година. Според најавите, услугата требаше да биде достапна на крајот на оваа година, но се е продолжено за една година, односно за крајот на 2024 година, пишува Јутарњи лист.