Медицинскиот канабис има потенцијал за здравствени цели и економски развој

53

Премиерот Зоран Заев во емисијата Економски магазин на Алсат М, одговарајќи на прашањето за економските потенцијали на земјата и планираниот развој зборуваше на темата, легализација и декриминализација на канабисот.

“Во смисла на декриминализацијата, потребно е да се сменат закони, дел од Кривичниот закон, делот за опојни дроги. Тоа ќе го отвориме во првото полугодие на 2021 година и генерално реакциите за ова прашање се позитивни“, рече Заев кој во однос на прашањето, која е основната идеја која се сака да се постигне со легализацијата на канабисот, инсистираше да се осврне на важноста на медицинскиот канабис, кој како што истакна, е огромен потенцијал за економски развој.

“Ние имаме 59 лиценци, сакам да ја истакнам пораката за разумноста на Парламентот. Законот таму седи една и пол година. Се работи за медицински потреби на канабисот. Овде го развиваме, веќе пакетот на позитивните листи на лекови за користење. Се користи на 68 позитивни лекови на германската позитивна листа, насекаде во Европа, насекаде во светот. Одлично дава резултати за Паркинсова болест, за епилепсија, за психолошки растројства, за карциноми и за други болести“,  рече Заев повикувајќи се на повеќе анализи на научници кои мапирале канабиноидни центри (рецептори) кои помагаат во болеста и во најмала рака ја намалуваат болката, го стабилизираат организмот и слично.

Тој подвлече дека одгледувањето на медицинскиот канабис е огромна потенцијална економска можност и за оваа опција има поддржувачи од  припадници на различни партии.

“Овде нема политика, ова е нешто национално. Треба да го поддржиме Законот и следни се дебатите, коишто ги отворивме. Гледам има голема прифатеност на опцијата за декриминализација, луѓето зборуваат за тој пола грам, како што велат невладините организации, кој се користи дома, да се затвораат луѓе, навистина не е во ред“, оцени Заев подвлекувајќи дека останува заложбата на Министерството за внатрешни работи да води борба против шверцот и тргувањето со дрога и наркотични средства.

Заев истакна дека во земјите каде е легализиран канабисот, се чувствува економскиот потенцијал за развој на сите услужни дејности и многу од консументите се откажуваат од хероин, кокаин, од сите тие тешки дроги.

“Во едни такви околности, јас ја отворам дебатата, верувајќи дека ќе доминираат помладите, поавангардните сили во државата. Логично ми е, постарите да бидат порезервирани, повнимателни и тоа опстојува. Но, конечната цел, остварува одличен економски раст и развој. Отвора нови работни места, внесува девизен прилив во државата, помага многу во борбата против користењето на други наркотични средства“, рече Заев кој подвлече дека во наредниот период ќе биде јавна оваа дебата и дека треба да го искористиме овој сериозен економски потенцијал.

Премиерот Заев го подвлече и тоа дека во Законот за опојни дроги се предвидува 20%, наместо 10, од данокот на добивка, да одат на децата со ретки болести, за поддршка на здравствениот систем, за поддршка на спортот, културата, на граѓанскиот сектор и за медицински потреби.

Тој посочи дека дебатата во јавноста ќе биде отворена и за прашањето за легализацијата медицинскиот канабис, со отворање кафетерии, прво во одреден дел од територијата на државата, како на пример во туристичките центри како Охрид, Струга, Ресен, Дојран, Маврово, Берово, но и Скопје како голем туристички центар.

Фото: Freepik