Медот меѓу најфалсификуваните намирници во светот

Постапките за фалсификување на мед стануваат сè подобри. Насекаде во светот контролите укажуваат на присуство на огромни количини фалсификуван мед, но во исто време се укажува дека методите за пронаоѓање и откривање на фалсификат често пати се ограничени и несоодветни.

Медот, како што пренесува српска Политика, е трета најфалсификувана намирница во светот покрај млекото и маслиновото масло.

“Пчеларската работа е исклучително тешка, па медот е скап и тоа го прави примамлив за фалсификување со евтини замени. Кина е најголем светски производител на мед, учествувајќи со една четвртина од вкупното производство, но на нејзината доминација и ниска цена одамна се гледа со сомнеж“, пишува Властимир Спасиќ, уредник на специјализираниот магазин Српски пчелар.

Тој вели дека пчели се чуваат во над 90 милиони кошници од кои се добиваат 1,9 милијарди тони мед, во вредност од околу шест милијарди евра.

Глобалниот увоз на мед од 2010-та до 2019-та година порасна од 497 на 665 милиони долари или за 34,5%.

“Се чини дека овие податоци се преценети, бидејќи еден број земји увезуваат големи количини мед за препродажба по повисоки цени, под маска на сопствените производ“, пишува Спасиќ. Пример за оваа пракса, како што вели тој, е откриен во САД со кинески мед, којшто вклучува и 30 земји посредници. Во Европа има 10 милиони кошници и 650.000 пчелари. И покрај тоа, европските пчелари обезбедуваат само 64% мед од количините што се консумираат во Европа, а остатокот е од увоз.

Фото: Freepik