Меѓународна конференција Macedonia Manufacturing Expo во Скопје

41

На 18 септемви во Хотел Александар Палас во Скопје ќе се одржи втората конференција Macedonia Manufacturing Expo (ММЕ) чија цел е промовирање на потенцијалот на македонската лесна преработувачка индустрија и поврзување на домашните компании од оваа индустрија со странски купувачи, односно овозможување  инвеститорите да имаат брз и лесен преглед на ланците на добавување во секторот.

На годинешнава конференција се очекува учество на 75 домашни и странски компании од автомобилската, метало-машинската, индустријата за производство на опрема и други индустрии од овој сектор.

Првата конференција Macedonia Manufacturing Expo која во организација на Македонската асоцијација на метална и електро индустрија (МАМЕИ) и со поддршка од УСАИД и Владата на Швајцарија, беше организирана во 2016 година и даде извонредни резултати. На неа присуствуваа 50 компании од Македонија во својство на добавувачи и 18 компании, од кои 16 странски, во својство на купувачи, меѓу кои и Сименс, Ван Хул, АРЦ Аутомотив, Кромберг и Шуберт и други. Беа организирани и 170 претходно договорени состаноци (B2B), што резултираше и со конкретни соработки и договори.

“Macedonia Manufacturing Expo 2018 ќе биде во голем дел подобрено со новите партнерства меѓу МАМЕИ и Германската асоцијација за менаџирање, набавување и логистика на ланци на добавување (BME) кои ќе донесат нови купувачи на настанот. BME со 60 годишна традиција и над 9000 индивидуални и корпоративни членки служи како водечки кандидат за бизнис мечирање во Германија и Централна Европа. Оваа соработка ќе овозможи македонските претприемачи од металната и електро индустријата да се сретнат со претставници на индустрии и бизниси, логистички менаџери и експерти за ланци на добавување, а овие средби може да бидат непроценливи за понатамошниот развој на домашните компании и економијата на земјата во целина. Овие партнерства сигурно ќе ја зајакнат соработката на лесниот преработувачки сектор на Македонија и Германија”, вели Марта Наумовска Грнарова, Претседател на Македонската асоцијација на метална и електро индустрија МАМЕИ.

Метало-машинскиот и електро-инженерскиот сектор во Македонија бележи брз развој со што локалните фирми сé повеќе стануваат соодветни добавувачи за странските купувачи. ММЕ ќе овозможи натамошно проширување на соработката на домашните компании со странските големи фирми и ќе даде придонес македонските компании да станат дел од глобалниот снабдувачки ланец на реномирани странски компании.

Сите компании од лесната металопреработувачка индустрија заинтересирани за Macedonia Manufacturing Expo 2018 можат бесплатно да се регистрираат за учество.

За повеќе информации и регистрација компаниите можат да ја посетат веб страницaта  www.mamei.mk