Мемоарите на Обама рушат рекорди

53

A Promised Land (Ветена земја) е насловот на мемоарите на поранешниот американски претседател, Барак Обама, којашто во САД и Канада за 24 часа беше распродадена во неверојатно 890.000 примероци.

Овие резултати навестуваат дека мемоарите на Обама би можеле да бидат најпродавани во поновата историја. Освен во печатена форма, А Promised Land е достапна во аудио и електронска верзија. За споредба, книгата на Бил Клинтон, My Life (Мојот живот) во првиот ден од издавањето е продадена во 400.000 примероци, а на Џорџ Буш помладиот, Decision point (Точки на одлучување) во “само“ 220.000 примероци.

Станува збор за книга во којашто пишува за своите впечатоци од средби со Дејвид Камерун, Владимир Путин, Никола Саркози, Ангела Меркел и други државници, пренесува ВВС. Во мемоарите на 768 страници, Обама пишува и за убиството на Осама би Ладен и политичкиот подем на неговиот наследник, Доналд Трамп.

Обама во мемоарите за поранешниот британски премиер, Дејвид Камерун, вели дека е урбан човек полн со самодоверба кој му се допаднал, но не се согласувал со неговата економска политика. Рускиот претседател Путин го потсетил Обама на политичарите кои претходно ги среќавал во Чикаго.

“Тој беше како шеф на округ, само со нуклеарно оружје и вето на Советот за безбедност на Обединетите нации“, пишува Обама за Путин, за кого вели дека го потсетува на луѓе кои се цврсти, снаодливи и бесчувствителни и кои никогаш не излегувале од својата рамка и за кои клиентелизмот, измамата и повременото насилство се легитимно оружје.

За поранешниот француски претседател, Саркози, Обама вели дека е човек склон на емотивни испади со пренатрупана реторика. Нивните заеднички разговори биле забавни и исцрпувачки и дека преведувачот ги имитирал неговите гестикулации и интонација на зборување.

Германската канцеларка, според поранешниот американски претседател, е чесна, интелектуално ригорозна и добра личност. За турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Обама вели дека е срдечен државник кој знаел да го повиши тонот кога одговарал на различни обвинувања или нејаснотии.

Фото: Facebook