Меморандум за соработка и техничка поддршка за одржлив регионален економски развој

Меморандум за соработка за техничка поддршка во врска со Програмата за одржлив и инклузивен регионален економски развој во Република Македонија беше потпишан денеска во Скопје, пишува Миа.

Владата, Министерството за локална самоуправа, Германското друштво за меѓународна соработка во Македонија (ГИЗ), Швајцарската агенција за развој и соработка за реализација на Програмата за одржлив и инклузивен регионален економски развој обезбедија над 950.000 евра.

“Овие средства се планирани за реализација на активности во текот на 2016 година кои ќе придонесат за значително намалување на диспаритетите во и меѓу осумте плански региони во Македонија, со што ќе се овозможат подобри можности за живот на сите граѓани во сите региони од државата“, рече вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Тим лидерот од Германското друштво за меѓународна соработка во Македонија (ГИЗ), Бенџамин Мор смета дека изминатите години Македонија направи добар напредок во основање на структурите и процесите што, како што рече, придонесе до намалување на регионалните нерамномерности во државата.