Меморандум за соработка помеѓу ЕБА и супервизорските органи од ЈИЕ

26

На 23-ти октомври 2015 година, беше склучен Меморандум за соработка помеѓу Европскиот банкарски орган (ЕБА) и супервизорските органи на шест земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ): Албанија, Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Република Српска.

Меморандумот е склучен под покровителство на Виенската иницијатива – јавно – приватна мрежа воспоставена во 2009 година заради заштита на финансиската стабилност во земјите од Централна и Источна Европа.

Со потпишувањето на овој меморандум се признаваат напорите во овие земји за унапредување и зајакнување на банкарската супервизија и регулатива и нивно приближување кон стандардите и практиките присутни во Европската Унија.

Во исто време, со Меморандумот се воспоставува рамка за соработка и размена на информации со Европскиот банкарски орган, се олеснува учеството на супервизорските органи во супервизијата на банкарските групи од Европската Унија присутни во овие земји, а се зголемуваат и можностите за натамошно јакнење на капацитетот на супервизијата.