Мерки за превенција од ширење на корона вирусот во банкарскиот сектор

37

Македонската банкарска асоцијација (МБА) целосно ги поддржува заклучоците, мерките и препораките на Владата за справување со заканата од вирусот COVID 19 (корона вирус), стои во соопштението.

На 03.03.2020 година, Собранието на Македонската банкарска асоцијација одржа Седница на која се дискутираше за утврдување насоки за заштитаи превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус). Согласно тоа, се изготви заедничка листа на мерки и препораки за заштита и превенција од ширење на болеста во банкарскиот сектор кои се однесуваат на вработените во банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро и на сите нивни клиенти, со цел обезбедување нивна поголема заштита како и придонес за поголема заштита на колективното здравје.

Комуникацијата и координацијата помеѓу членките на МБА се одвива на перманентна дневна основа и се преземаат мерки и активности согласно развојот на состојбите.

“Би сакале да упатиме апел до сите граѓани и правни лица – клиенти на банките, штедилниците, Клириншката куѓа и Македонското Кредитно биро да ги ограничат посетите на експозитурите/ филијалите и другите деловни простории на нашите членки и да избегнуваат директен и близок контакт и ракување со вработените, како и да се придржуваат целосно на сите препораки кои ги издаде Владата на Република Северна Македонија“, велат од МБА.

Сите нивни членки продолжуваат посветено да работат на одржување на високо ниво на квалитет во испораката на банкарските и другите финансиски услуги за граѓаните и правните лица, при што до сите нив се апелира секогаш и секаде каде што тоа им го дозволуваат околностите да ги користат алтернативните начини за добивање на банкарски услуги како што се електронското банкарство, мобилното банкарство итн., кои не бараат нивно физичко присуство во банките со што директно ќе се придонесе за спречување од ширење на болеста.

“Го изразуваме нашето цврсто уверување дека како и многупати досега, како банкарски сектор и како општество ќе се справиме со сите предизвици кои стојат пред нас, без никаква потреба за било каква паника“, велат од МБА.

Фото: Pexels