Месото повторно поскапува

33

Од понеделник повторно поскапуваат месото и месните производи, најавуваат домашните производители. Од 10% до 17% поскапи ќе бидат свежото месо и месните преработки на МИК Свети Николе. Килограм свинско месо ќе чини 315 денари, додека јунешкото ќе се продава по цена од 475 денари. Од компанијата додаваат дека зголемувањето на цените се должи на повисоките цени на суровините, енергенсите, но дека и сушата има влијание врз намалување на сточниот фонд. Велат дека иако досега се обидувале да не ги зголемат цените на нивните производи, веќе не можат да им се спротивставуваат на трошоците.

Незапирливиот поход на цените почна летово со поскапувањата на горивата и струјата, а продолжи со маслото за јадење, сувомеснатите производи, средствата за хигиена. Непријатни изненадувања за граѓаните имаше и минатиот месец кога поскапе речиси сe, а веќе деновиве повторно се најавуваат и се регистрираат нови цени во маркетите. Веќе не важат првите поскапувања, а многу продукти се со нови и повисоки цени. За зголемување на цените на своите производи од неодамна размислуваат и млекарите.

Ценовен шок ги тресе и другите држави на Балканот. Поскапувањата се главна вест во медиумите, кои заедно со семејствата се обидуваат да направат математики за полесно преживување. Граѓаните на Србија се жалат дека капак на поскапувањата предизвикани од рецесијата беше неодамнешното зголемување на процентот на ДДВ.

„Литар зејтин или килограм компир во Србија е најскап на Балканот“, се жалат тие.

Според истражувањето на медиумите, еден литар масло за јадење на рафтовите на српските продавници чини од 85 до 100 денари, во Босна и Херцеговина е 80 денари, а во Хрватска и Црна Гора чини 75 денари. Македонија е блиску до врвот на ова скалило со најновата цена од 95 денари за литар масло за јадење. Десет јајца се најевтини во Унгарија, каде чинат 60 денари, потоа во Босна и Црна Гора, каде се околу 75 и во Хрватска до 80 денари. Во Србија цената им е највисока, до 100 денари. Македонија е на средина на листата со просечна цена од 73 денари.

Пилешкото месо во Србија е драстично поевтино од кај нас и во просек чини околу 170 денари. Ние заедно со хрватите плаќаме најскапо пилешко, околу 340 денари за килограм. Северните соседи, пак, се жалат дека купуваат скапи компири. За килограм плаќаат до 40 денари, за разлика од Хрватска, каде чинат само дваесетина денари. Македонија и во оваа конкуренција е на врвот на скалата, со цени од 25 до 40 денари за килограм компир. Српските потрошувачи поскапо го плаќаат и млекото на Имлек, за разлика од купувачите од Македонија и БиХ, иако се работи за домашна компанија.