Минимална плата од 463 евра: Дали предлогот на бизнисот ќе го раздвижи дијалогот?

Предлогот на Бизнис – конфедерација на Македонија минималната плата да се зголеми на 28.500 денари, остана само на хартија. И покрај тоа што овој минималец е помал од оној што го бара Сојузот на синдикати на Македонија, сепак е прв предлог досега кој дошол од работадавачите и некаква „иницијална каписла“ за почеток на преговори. Во услови кога земјите во регионот ги зголемуваат минималните плати и речиси секаде истата ја надмина психолошката граница од 500 евра, предлогот за зголемување на минималецот на 463 евра е прв чекор во борбата за зголемување на платите.

-Ова е психолошка и економска граница која поголем број стабилни компании во државата можат да ја поднесат. Ние ова сума ја кажавме за да имаме појдовна точка, да имаме одреден исчекор напред. Бидејќи вака како што стојат работите тапкаме во место. Сепак, ќе треба малку посуштински да се договориме, изјави претседателот на Конфедерацијата, Миле Бошков за „Локално“.

Тој вели дека мора да се води сметка и за занаетчиите и самовработените лица кои дури и со оваа минимална плата имаат проблем со ликвидноста.

-Кај занаетчиите и самостојните вршители на дејност кои во исто време се и работодавачи и работници зголемувањето на минималната плата ќе биде голем трошок. Поради зголемените давачки за плати и придонеси многу занаетчии нема да можат да го издржат финансискиот товар и ќе стават клуч на врата, вели Бошков.

Поради тоа, вели дека мора да бидеме внимателни при покачување на платите, особено кога говориме за зголемување на минималецот во бројки.

Од Сојузот на синдикати на Македонија пак остануваат на ставот дека бараат зголемување на минималецот на 600 евра, но велат дека секој предлог е вреден за размислување.
Целиот текст на Локално.мк