Минстрој од Бугарија концесионер во рудниците Тораница и Злетово

33

Бугарската компанија Минстрој е нов концесионер за експлоатација на олово – цинкова руда во рудниците Тораница и Злетово, пишува Миа.

“Двете општини ќе добијат 70% од концесиските придонеси. Ќе почне локално економскиот развој на регионот на општините Крива Паланка и Пробиштип“, рече министерот за економија, Беким Незири.

Според него, компанијата Минстрој е една од најсериозните компании што работи во Источна Европа во делот на рударството и веќе менаџира неколку рудници во Бугарија.

Сопственикот на Минстрој, Николај Валканов рече дека се детално информирани за состојбата во рудниците и дека имаат финансиски и експертски капитал и потребни ресурси веднаш да ги рестартираат рудниците.

Според Валканов, најголем капитал на Злетово и Тораница се работниците, инженерите и специјалистите, како и резервите на руда, додека за нив најголема предност е тоа што се блиску до Софија.

“Запознаени сме со состојбата во рудниците и знаеме се што треба да се направи. Има голем потенцијал и затоа одлучивме да ги рестартираме двата рудника. Има голема разлика во опремата што ние ја користиме и потребни се многу инвестиции. За двата рудника ние ќе инвестираме над десет милиони евра, ќе ги вратиме сите 1.000 вработени, а можеби и ќе вработиме нови“, рече тој.

Валканов нагласи дека доколку се оди според планираното и биде потпишана концесијата, Злетово ќе биде веднаш рестартиран и првата руда ќе излезе на почетокот на мај, додека Тораница, поради геолошки проблеми, по неколку месеци. Компанијата Минстрој од 1998 година е приватна и вработува меѓу 2.500 и 3.000 лица, од кои 1.500 се рудари.