Mitsubishi останува во Европа, производството ќе го врши Renault

30

Нов пресврт во алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi, според којшто јапонската компанија останува во Европа, а за производството ќе биде задолжен Renault.

Иднината на Mitsubishi во Европа долго време беше под знак прашалник, а сега би можело да се случи пресврт во целата ситуација. Во јули минатата година, раководството на јапонската компанија најави дека целосно се повлекува од Стариот континент и дека својот фокус ќе го насочи кон азиските пазари. Сето ова се промени кон крајот на минатата година кога пристигна информација дека рестилизираниот Eclipse Cross и покрај сè би можел да стигне до европските купувачи.

Најновиот извештај на Financial Times, наведува дека Mitsubishi најверојатно ќе остане во Европа, а за производството ќе биде задолжен Renault. Наводно токму француската марка, заедно со Nissan, го убедуваат Mitsubishi да остане на европскиот пазар, а производството на моделите би требало да се одвива во фабриките на Renault во Франција.

Останува нејасно кои модели Renault би ги произведувал за јапонската марка во Европа. Наводно, договорот бил постигнат пред неколку дена, но треба да се потврди на Управниот одбор.

И покрај тоа што Mitsubishi се соочи со нешто послаби продажни резултати во Европа изминатиот период, сепак некои модели на јапонската марка оставија силен белег на овој пазар. Plug-in хибридната верзија на претходната генерација на Outlander беше најдобро-продаван PHEV, а доколку остане на Стариот континент, тогаш тоа значи дека и новата генерација на Outlander, кој е првиот Mitsubishi поставен на Nissan платформа, ќе биде достапен за европските купувачи.

Преземено од Avtoplus.mk