ММФ: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем и натаму е здрав

27

На завршниот состанок со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), којшто престојуваше во земјата заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија, присуствуваa гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска – Бежоска и тим на Министерството за финансии, предводен од министерот, Драган Тевдовски, стои во соопштението.

Во Завршното соопштение на тимот на ММФ е забележано дека монетарната политика е соодветно приспособена. Врз основа на умерената економска активност, ниската инфлација и поволните девизни пазари, НБРМ двапати ја намали каматната стапка во 2018 година. Според ММФ, во иднина, доколку се влоши надворешното опкружување, НБРМ треба да биде  подготвена да ја заостри монетарната политика, како што беше соодветно направено и во изминатите периоди.

ММФ оценува дека банкарскиот систем и натаму е здрав, но дека ризиците треба сѐ уште внимателно да се следат. Како што е наведено и во соопштението, банките се добро капитализирани, ликвидни и профитабилни. Учеството на нефункционалните кредити е намалено, а кредитните ризици се добро обезбедени. Според ММФ, натамошните напори за  постепено зголемување на денаризацијата на депозитите и внимателно калибрираните макропрудентни мерки за намалување на кредитирањето во странска валута на домаќинствата ќе помогнат за натамошно зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.

Во Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (FSAP), којашто во моментот се финализира  од  страна на ММФ и Светската  банка, се констатира дека банкарската супервизија и прописите значително се подобрија во текот на изминатата деценија, но се идентификува и потребата од натамошно зајакнување, особено во делот на супервизијата на системски значајните банки и макропрудентната регулатива и модернизација на управување со кризи.

Во Соопштението на тимот на ММФ се наведува дека враќањето на политичката стабилност и напредокот кон решавањето на проблемот со името значително ги подобриле перспективите за отворање на преговорите за членство во ЕУ, повеќе од 12 години по добивањето на кандидатскиот статус. За да се искористи оваа можност и да се осигури посветла иднина преку повисока продуктивност и побрза конвергенција на доходот, клучни се структурните реформи за надминување на долгопостоечките слабости на пазарот на труд, правосудството и јавната администрација.

Реалниот БДП во 2018 година е проектиран на 2%, при поволни макроекономски услови, односно ниска инфлација, опаѓачки дефицит на тековната сметка и позитивни трендови на девизниот пазар. Со закрепнувањето на инвестициите, се очекува забрзување на растот на БДП на 2,8% во 2019 година и понатамошно засилување на 3,5%, на среден рок, во услови на инфраструктурни вложувања и силен извоз.

Целиот текст на Завршното соопштение на тимот на ММФ, коешто ги содржи првичните заклучоци, може да се најде тука.