МНР испраќа економски советници во странство

10

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска го презентираше новиот концепт на Економската дипломатија, којшто произлегува од предвидените приоритети на мандатната мисија.

“Економската дипломатија претставува важен дел од надворешната политика на земјата што треба да биде обновена, засилена и да биде издигната како еден од клучните приоритети на државата. Како што најавивме, изготвивме проект за ревитализација на економската дипломатија – предлог кој пота беше претставен и усвоен од страна на Владата, и од денес почнува неговата реализација“, истакна Османи, додавајќи дека новиот концепт на економска дипломатија ќе се базира врз издржана, јасна и прецизна стратегија за економските односи со странство.

Како што најави Османи, во претстојниот период ќе се направат анализи врз основа на извозните потенцијали, расположливата работна сила, капацитетите, земјиштето и останатите ресурси за странски инвестиции, ќе се дефинираат содржинските и географските цели на економската дипломатија, најавувајќи го притоа таканаречениот “tailor-made“ пристап – прилагоден за секоја земја и регион.

Министерот Османи посочи дека економски профилирани кадри – економски советници ќе се упатуваат во оние земји каде има реален потенцијал за зголемување на економската соработка: земји со најголем потенцијал за инвестирање, земји кои се географски блиски или имаат изразен економско – географски интерес, земји со потенцијални туристи итн.

“Задачата на економските советници ќе биде да ја направат Република Северна Македонија привлечна дестинација за странски инвестиции, промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација и воопшто промоција на земјата, како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество“, нагласи Османи, истакнувајќи дека интенцијата на новата Влада е овој мандат да биде посветен на економијата и на економскиот раст.

МНР Османи истакна дека е планирано во првата фаза, или во текот на 2021 година, врз основа на експертска анализа, да бидат таргетираат неколку европски и неколку воневропски земји со најголем потенцијал за соработка.

Фото: Pixabay