Модерната жена треба да биде добро информирана, за да може слободно да се изрази

119
unnamed (2)
Катица Богеска Јоргакиеска, генерален менаџер и сопственик на Vega Fashion, официјален дистрибутер на шпанскиот бренд Ada Gatti

“Деловниот изглед на жената е секако црното здолниште, класична кошула која може да биде и цветна, со што ќе даде една свежина на самата комбинација. Секогаш во класичното треба умешно да се проткае трендовското и тоа ќе биде добитната комбинација”, вели  Катица Богеска Јоргакиеска, генерален менаџер и сопственик на компанијата Vega Fashion, официјален дистрибутер на шпанскиот бренд Ada Gatti за Македонија.

БИ: Како започна приказната за Ада Гати?

Неколку години живеев во Шпанија, во Мадрид и постојано размислував да донесам некој бренд во Македонија. Иако сум психолог по професија, текстилот, односно модата и боите од секогаш ми биле интересни. Разгледував неколку брендови и споредувајќи ги цените, моделите и големините, видов дека овој бренд може да помине добро во Македонија. Се здобивме со регионална франшиза, односно можност да продаваме регионален ексклузивитет на овие простори, со исклучок на Хрватска и Словенија и пред една година и осум месеци започна приказната за Ada Gatti. Брендот во Македонија го продаваме и на големо, присутни сме во повеќе градови со дел од нашите колекции. Имаме таканаречени корнери во веќе постоечки продавници, каде нашите модели ја претставуваат атрактивната страна, односно оној дел кој купувачите најбрзо го забележуваат.

IMAG1975

БИ: Од кога постои самиот бренд, што нуди и каде можат да се најдат неговите препознатливи парчиња?

Ada Gatti е дел на групацијата Фешн Импорт. Брендот има повеќе фабрики низ светот, надвор од Европа, постои 20 години, што е релативно кус период за развивање на еден светски бренд. Располага со бројчиња од S до XXXL, што значи дека и покрупни жени можат да најдат модерни и атрактивни парчиња. Колекцијата се разликува од другите по колоритноста, има модели со разни принтови, со трендовски и нетрендовски дезени.

Секогаш располагаме со шарени парчиња без разлика дали се во тренд или не, тие се еден вид на заштитен знак. Имаме и кежуал линија, бејзик линија, џинс, едноставни маички, кошули, модни додатоци, накит…

Освен за возрасни жени, имаме и детска колекција од 6 до 14 години и колекција од 20 до 50 плус.

БИ: Колку жените во Македонија се грижат за изгледот споредено со жените во Шпанија?

Жените во Шпанија, од она што имав можност да видам, се грижат за својот изглед многу повеќе од жените во Македонија, па и во регионот. Можеби тука влијае и економската состојба, влијанијата под кои се живеело, географската положба. Ме воодушеви фактот што жени и над 70 години храбро и гордо носат црвен или розов фустан, имаат средени нокти и фризури, едноставно ме воодушеви тоа што имаат силна желба за живот и покрај тоа што се во поодминати години.

Но, од друга страна пак не смееме да ги критикуваме жените во Македонија со оглед на тоа што менталитетот тука игра голема улога. Повозрасните жени се водат од правилото дека светлите бои не се за нив, дека облеката треба целосно да го покрива телото, што не важи за шпанските жени, кои можат да облечат и пократко здолниште.

Ведрите бои секогаш носат една свежина и делуваат на околината многу подобро и попозитивно, отколку темните бои.

IMAG1976

БИ: Колку е важна информираноста на модерната жена денес?

Информираноста е од особена важност во денешно време, таа ја подига свеста кај човекот. Модерната жена треба да биде добро информирана, за да може слободно да се изрази на секој начин и во секој сегмент, не само со облеката.

Интернетот денес е средство за да се информираме, но и покрај тоа треба да знаеме што бараме и како тоа да го бараме. Таму има премногу информации и најчесто бараме квантитет, а не квалитет.

БИ: Какви ќе бидат трендовите сезонава и дали возраста на некој начин го одредува трендот?

Цветниот тренд веќе четири години се носи и добро поминува, па така и оваа пролет/лето сезона ќе биде присутен. Значи цветни модели, принтови, геометриски фигури и се разбира црната боја која е вонременски тренд, како и класичните еднобојни кошули.

Деловниот изглед на жената е секако црното здолниште, класична кошула која може да биде и цветна, со што ќе даде една свежина на самата комбинација. Секогаш во класичното треба умешно да се проткае трендовското и тоа ќе биде добитната комбинација.

unnamed (1)

БИ: Кое е вашето мислење за смелиот изглед, особено кај младите?

Јас имам многу либерални погледи и за мене сè е дозволено, сè може да се проба. Отвореноста кон експериментирање разбива и одредени стереотипи. Секој треба да го носи она во што се чувствува удобно. Според мене нема правила во облекувањето. Доколку некој сака да покаже малку повеќе и тоа го прави да се чувствува добро, нека покаже. За мене најважно е како личноста се чувствува додека ги носи парчињата облека, било какви и да се тие.

БИ: Што кога традицијата наложува одреден начин на облекување?

Па не можеме да излеземе од тој концепт, традицијата треба да се почитува, но може да се прилагоди облеката, да се направи соодветна комбинација на традиционалното и модерното и со тоа да бидат задоволени сите страни. Тој што го носи тоа парче да се чувствува удобно во својата модерна облека со доза на традиционален печат.

БИ: Колку облеката може да го издаде карактерот на жената? Која е вонвременската добитна комбинација во облекувањето?

unnamedКога запознаваме некого првиот впечаток е многу важен, а прво што забележуваме е како личноста изгледа, што носи… Облеката може да открие делови од карактерот за жената, на пример дали е храбра, конфузна…

Начинот на облекување особено е важен на интервјуата за работа. Во модата постои јинг и јанг. Што значи тоа? Ако жената има нежен изглед, односно јинг, треба да облече построги форми и обратно, доколку таа има построги и повпечатливи црти, или јанг изглед, пожелно е да носи помеки, понежни форми. Со тоа ќе се постигне оној баланс црно бело, односно јинг јанг.

Многу е важно каде ќе се појавите и во каква комбинација. Облеката знае да има своја длабочина која понекогаш е тешко да се воочи. Несвесно интервјуата за работа, барем на почетокот, можат да се одвиваат во насока на првиот впечаток, којшто е визуелен.

Доколку станува збор за коктел забава, облеката си има друга димензија, но оној јинг и јанг концепт треба секогаш да се следи.

За да можат жените повеќе да се едуцираат во однос на облекувањето, започнавме со модно советување. Советувањето се случува еднаш месечно, во просториите на Ada Gatti, каде модна блогерка/новинарка им дава совети на купувачите во однос на стилот, дезените, боите и слично.