На бугарските ресторани и хотелиери им се заканува банкрот

26

На бугарските ресторани и хотелиери им се заканува банкрот поради поскапувањето на струјата во земјата, а претставници на оваа индустрија ја повикуваат владата во Софија на итна интервенција за да се зачува стабилноста на секторот.

Потпретседателот на Бугарската асоцијација на хотели и ресторани (БХРА) Атанас Димитров изјавил дека трошоците за струја сега се десет пати повисоки од претходно, пренесува порталот Новините.

Хотел со околу 250 легла плаќал просечна сметка за струја од 10.000 бугарски лева или околу 5.122 евра, пред неодамнешните поскапувања, а сега се очекува сметката да биде помеѓу 110.000 и 120.000 лева, односно меѓу 56.240 и 61.000 евра.

Димитров смета дека овие мерки нема веднаш да влијаат на резервациите на гости, но предложи бугарската влада да размисли за ограничување на цените на струјата и државна поддршка за целиот сектор.

Многу ресторани и хотелиери во Бугарија се подготвуваат за протести кои би можеле да се одржат во некои региони за неколку дена, предупреди Димитров, пренесува Танјуг.