На Европа ќе ѝ требаат уште 500 милијарди евра за да се опорави

36

На Европа покрај договорениот пакет од 540 милијарди евра ќе ѝ треба уште 500 милијарди евра од институциите на ЕУ за финансирање на закрепнување на економијата по пандемијата од коронавирусот, рече Клаус Реглинг, генерален директор на Европскиот механизам за стабилизација.

Во интервју за италијанскиот весник Corriere della Sera, Реглинг изјави дека најлесен начин за обезбедување на овие средства би бил преку Европската комисија и буџетот на ЕУ, пренесува Reuters.

“Јас би рекол дека за втората фаза ни требаат барем уште 500 милијарди евра од европските институции, но можеби и повеќе. За ова, треба да го отвориме нашиот ум, да разгледаме нови инструменти, но и да ги користиме постојните институции затоа што е полесно, вклучувајќи ги Комисијата и буџетот на ЕУ“, рече тој.

Министрите за финансии на ЕУ договорија на деветти април пакет финансиска помош за државите, компаниите и граѓаните во вкупен износ од 540 милијарди евра.

Тие, исто така, се согласија дека Еврозоната, за која Меѓународниот монетарен фонд и пресмета пад од 7,5 % оваа година како резултат на пандемијата, ќе и треба пари за да се опорави, но има различни ставови за висината на потребното финансирање и како да се обезбеди тоа.

Лидерите на ЕУ ќе разговараат за оваа тема на видео конференција на 23 април.

Фото:Pixabay