На крајот на мај или почетокот на јуни предлог решение за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10Д

347

Премиерот Зоран Заев најавува дека е можно кон крајот на месецов или почетокот на наредниот надлежните институции да подготват предлог решение за моделот според кој ќе се реализира најавената изградба на автопатски делници на коридорите 8 и 10Д врз основа на меморандумот за разбирање потпишан со компанијата Бехтел и Енка.

Со меморандумот е предвидена соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар- Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан на Коридорот 8, како и изградба на автопатска делница Прилеп – Битола на Коридорот 10Д, модел што првпат ќе се примени кај нас.

На новинарско прашање кога може да се очекува законското решение за изградбата на Коридорот 8, Заев денеска изјави дека стручни служби на Владата предводени од вицепремиерот Артан Груби, министерот за транспорт Благој Бочварски и останатите економски ресорни министри  заедно со Јавното претпријатие за државни патишта работат на комплетниот модел. Целта, како што рече, е да се одобре најдоброто решение од аспект на транспарентнот и компетитивност,  а важно  еи учеството на домашните компании.

“Се работи на спроведување постапка за Јелоу фидинг за многу позната компанија која е објавена – Бехтел и која сакаме да работи овде, но секако тоа мора да биде согласно законите и законските процедури. Ги имаме на располагање Законот за статешките инвестиции, Законот за стратешко партнерство, што можеме согласно Законот за јавни набавки да го склучиме во Собранието, но да оставиме правните служби да го дадат најповолниот модел за Северна Македонија, како е најсоодветно да се поставиме за да можеме  сепак да ги запазиме транспарентноста и компетитивноста за да добиеме квалитетни компании“, изјави Заев.

Важно ни е, дополни премиерот, учеството на домашните компании како подизведувачи или партнери или делови од конзорциуми на овие така да кажам два автопати,  Гостивар – Букојчани, но и Гостивар-Тетово таа лента, како и Битола – Прилеп како автопатско решение, се навистина и крајните автопатски потреби на Северна Македонија  кои се постојни во моментот. Верувам дека некаде можеби на крајот на мај, почетокот на јуни ќе бидеме готови со предлог решение, изјави Заев.

По потпишувањето на меморандумот на крајот на март, министерот Бочварски информираше дека изградбата на автопатските делници ќе биде според нов модел, кој ќе  даде  најбрзи и најоптимални резултати во изградбата на патната мрежа, пренесува МИА.

“Наместо да чекаме со години проектирање, па потоа дополнително да чекаме со години реализација, како што имаме примери сега, оваа едноставна постапка е многу побрза и дава побрзи резултати. Новиот пристап нуди брза и навремена реализација на капиталните проекти, нема повеќе калкулантнски игри кога е во прашање националниот интерес на граѓаните и државата“, изјави министерот Бочварски.