На што е најмногу горда министерката за финансии?

133

Министерката за финансии, Нина Ангеловска дојде на функцијата министер за финансии пред 10 месеци. Во видеото коешто го објави денеска на својот Фејсбук профил во кое дава ретроспектива на дел од сработеното, вели дека почнале со многу силно темпо, а КОВИД-19 кризата донела уште посилно темпо и турбулентен период.

Во споделената објава посочува дека посебен предизвик за реализација била Домашната платежна картичка и поставувањето нови стандарди и дебирократизација на имплементацијата на мерките. Додека најгорда вели дека е на трите алатки за транспарентност Отворени финансии, Јавен долг и Капитални расходи со кои значајно ја зголемиле транспарентноста, стои во соопштението.

Ова се 38 проекти и мерки кои ги наведува како одбран дел од сработеното во изминатите 10 месеци

  • Значајно ја зголемивме транспарентноста – отворивме нова алатка капитални расходи за сите да ја следат реализацијата за сите институции
  • Го отворивме трезорот на државата за јавноста со алатката Отворени финансии
  • Лансиравме и трета алатка и покажавме пример за поинаква борба со лажните вести и како нешто деструктивно може да прерасне во нешто конструктивно- со Јавен долг – и дадовме на јавноста разбирлива и точна информација за јавниот долг
  • Донесовме буџет Инвестираме во човечки капитал – во кој вградивме – поголеми плати за здравствените работници од 5% до 25% и за просветните работници за 10%, поголеми пензии за 700 денари, повеќе пари за мерки за вработување, за поддршка за покачени плати во приватниот сектор…
  • Овозможивме 120.000 вработени во 20.000 фирми да имаат покачени плати со мерката за субвенционирање на покачување на платите
  • Го замрзнавме прогресивното оданочување! – не затоа што не веруваме, туку затоа што веруваме дека има подобар начин и тајминг за ваква реформа
  • Се фокусиравме на сивата економија и направивме предлог акциски план
  • Со грант од еден милион евра овозможивме 78 општини да добијат проектна документација за изградба на 270 километри локални патишта
  • Го кренавме прагот за ДДВ обврзници од еден на два милиони денари –  поголема флексибилност и помалку товар и администрација за малите компании
  • Го завршивме проектот за поставување фотоволатични системи на 108 јавни установи во 36 општини – за чиста и одржлива енергија, помало загадувањето но и пониски сметки за струја
  • Ја лансиравме МојДДВ МојаНаграда – им понудивме уште поголем поттик на граѓаните да се борат со сивата економија
  • Вративме 11 милиони евра ДДВ на повеќе од 200.000 граѓани кои скенираат сметки со  МојДДВ
  • Обезбедивме 136 милиони евра за најголемиот еколошки проект во земјава – Пречистителна станица Скопје – која ќе опслужува половина милион граѓани
  • Потпишавме договори од 107 милиони евра за Програма за наводнување – за развој на земјоделството и Проектот за енергетска ефикасност на студентски домови – за подобри услови за нашите студенти
  • Изготвивме прва сеопфатна Стратегија за даночна реформа – поставивме приоритети, патоказ и поголема предвидливост за бизнис заедницата
  • Го зголемивме прагот за ослободување од царина за малите пратки од 45 на 90 евра – поголем избор и  повеќе можности за граѓаните
  • Обезбедивме 70 милиони евра со заем од Светска Банка за рехабилитација на и реконструкција на 450 километри локални патишта во сите општини
  • Вративме 402 милиони евра ДДВ на фирмите во 2019 година и 206 мил во 2020 – тоа е 26% повеќе од 2018 и за 44% повеќе од 2017 година
  • Исплативме 30 милиони евра субвенции на 15.000 тутунопроизводители, во време на најголема економска криза
  • Го донесовме првиот закон со еколошка компонента – новиот закон за моторни возила – кој ќе влијае на обновување на возниот парк
  • Со проектот Купи Куќа, купи стан им помогнавме на 150 граѓани и семејства да го решат станбеното прашање
  • Ја укинавме сметкопотврдата
  • Во обид да ја намалиме хартијата и бирократијата – Отворивме форма за онлајн поднесување на бизнис иницијативи
  • Со Проектот за подобрување на општински услуги започнавме над 30 проекти и завршивме над 60 проекти – ова се градинки, училишта, патишта, игралишта, водоводи, кои опслужуваат над 1.000.000 граѓани
  • Заедно со Министерството за информатичко општество потпишавме меморандум за воспоставување дигитален идентитет за граѓаните
  • Направивме ребаланс и обезбедивме средства за мерките за борба против COVID-19 кризата
  • Придонесовме во креирањето и имплементирањето на три сета економски мерки за справување со КОВИД кризата / домашни платежни картички, ваучери за туризам, ваучери за студенти за ИТ вештини, и бројни мерки за поддршка за стопанството…
  • Ја донесовме мерката за финансиска поддршка за исплата на плати 14.500 денари по вработен – која одржа над 140.000 работни места во кризата
  • Како антикризна мерка – го ослободивме стопанството од аконтации од данокот на добивка и данокот на личен доход од март до јули
  • Овозможивме одложување на ратите на кредитите на граѓаните и помали рати за најмалку 70% кај финансиските друштва
  • Пуштивме 13,7 милиони евра бескаматни кредитни линии преку Развојна банка кои помогнаа на над 1.500 компании
  • Донесовме уредба за решавање на прашањето со екстра-лесното гориво – ја изедначивме акцизата – за справување со злоупотребите и поздрава животна средина
  • Донесовме уредба со која секоја фирма може да ги доставува фактурите електронски наместо хартиено
  • Обезбедивме ликвидност на буџетот и финансирање за цела 2020
  • Воведовме Домашна платежна картичка – со 28 милиони евра поддржавме над 320.000 граѓани, а преку нив и илјадници домашни компании.
  • Поставивме нови стандарди и го дебирократизиравме начинот на имплементација на ваквите мерки
  • Се фокусиравме на домашното, – го дополнивме правилникот и ги дефиниравме македонските производи
  • Воведовме промена во МојДДВ, 20% наместо 15% поврат за македонски производи и услуги

Фото: Facebook