На Технолошко металуршкиот факултет успешно се произведува дизел гориво од отпад

20

tehnoloski

Пластиката, гумата, биомасата, моторните масла, маслата од прехранбената индустрија и сè она што претставува органски отпад може да биде погодна суровина за добивање на цврсти, течни и гасни горива. Истражувањата направени на Институтот за хемиско и контролно инженерство на Технолошко – металуршкиот факултет во Скопје, уште еднаш потврдија дека цврстиот и течен органски отпад во Македонија може да најде своја соодветна примена преку негова конверзија во високо калорично гориво. Добиеното гориво според неговиот квалитет, почетната суровина, како и од условите на неговото добивање може да се употребува како гориво за автомобилите, во индустријата или како гориво за домаќинство. Лабораторијата на факултетот веќе подолго време користи специјализирана опрема донирана од ОКТА, што овозможува изведување на ваков тип експерименти. Факултетот долги години соработува со ОКТА преку едукација и работа на научно истражувачки проекти. Процесите за конверзија на отпадот до гориво беа прикажани на Саемот за чиста енергија.

„Навистина е предизвик да се направи квалитетно гориво од отпад кој најчесто завршува на некоја од депониите во Македонија. Карактеризацијата на суровината, изборот на реактор, типот на катализатор и оптимизирање на процесните параметри претставуваа клучниот фактор за добивање високо калорично гориво. На факултетот во лабораторијата за нафта и нафтени деривати за оваа намена веќе се користат неколку типа на реактори и природни и синтетички добиени катализатори, а сè со цел да се подобри квалитетот на добиеното течно гориво. Изминативе десетина години интензивно работевме на развивање нови технологии за добивање течно гориво – биодизел од употребувани масти и масла и добиени се импозантни резултати. Последниве две години се посветивме на добивање дизел гориво од пластика, гума и употребувано моторно масло. Покрај ова, добиено е био-гориво од индустриски и шумски отпад, како и отпад од агроиндустријата. Покажавме дека валоризацијата на отпадот во употребливо гориво има еколошки, економски и социјален бенефит. Ова треба да ги охрабри и поттикне потенцијалните инвеститори во вложување во индустриски капацитети за обновливи извори на енергија и индустриски капацитети за рециклирање на полимерите до горива”, изјави проф. д-р Славчо Алексовски од Технолошко – металуршкиот факултет во Скопје.

Сите заинтересирани студенти кои беа присутни на настанот можеа да го видат технолошкиот процес за добивање на дизел гориво од полимерни материјали. Од Факултетот се надеваат дека ова може да претставува вистински пример за производство на ваков тип на гориво.

„Со помошта на ОКТА, која донираше поголема количина на лабораториска опрема, лабораторијата за нафта и нафтени деривати на Технолошко-металуршкиот факултет е една од најопремените лаборатории од таков карактер во земјава. Секојдневно се трудиме преку научно-истражувачката работа и развојот на нови технологии да ја оправдаме оваа донација. Во лабораторијата работат студенти, магистранти, докторанти и други научни работници. Секогаш сме отворени за соработка со други научни институции и субјекти од областа на индустријата. Се надевам дека нашите истражувања ќе помогнат во решавање на еколошките проблеми поврзани со цврстиот и течен отпад во земјава”, додаде проф. Алексовски.

На Саемот за чиста енергија учествуваа и студенти од техничките факултети кои се интересираа да дознаат нешто повеќе за иновациите во производство на енергија од обновливи извори.