На Волстрит индексот S&P 500 скокна на ново рекордно ниво

94

Вчера на Волстрит индексот S&P 500 скокна на ново рекордно високо ниво, благодарение на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор, додека новите податоци покажаа дека инфлацијата во САД благо зајакна.

Dow Jones зајакна 0,61 отсто, на 39.005 поени, додека S&P 500 скокна за 1,12 отсто, на 5.175 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,54 отсто, на 16.265 поени.

Ѕвезда на денот вчера беа акциите на Oracle, чија цена скокна за речиси 12 отсто на рекордно ниво, откако технолошкиот гигант објави подобри од очекуваните квартални деловни резултати.

По два дена пад, вчера силно пораснаа и цените на акциите на производителите на чипови, а најмногу Nvidia за повеќе од 7 отсто. Затоа, инвеститорите не беа обесхрабрени ниту од мало зголемување на инфлацијата во САД. Вчера беше објавено дека во февруари потрошувачките цени се зголемени за 0,4 отсто на месечно и 3,2 отсто на годишно ниво.

„На пазарот преовладуваше ставот дека не е толку важно кога ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки, туку колку ќе ги намали.
И покрај стагнацијата, па дури и благиот раст на инфлацијата во последните два месеци, на пазарот сè уште стои ставот дека американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во јуни.