Национална стратегија за спречување на одливот на високообразовниот кадар

159

Ова денеска го најави ресорниот министер Панче Кралев кој заедно со директорот на канцеларијата за образование на Агенцијата на САД за меѓународен развој-УСАИД, Лиана Мар, одржаа прес-конференција за почнувањето на проектот „Стоп Браин Драин“.

Целта, како што рече Кралев, е минимизирање на последиците кои настануваат од појавата на „одлив на мозоци“ и обезбедување систем кој ќе воспостави позитивни мерки што ќе ги поттикнат високообразованите млади луѓе да се вратат или да останат да работат во Македонија, пишува МИА.

– Проектот е дел од програмата за работа на Владата и МОН кој третира популарна, но комплексна глобално-општествена појава со која се соочуваат земјите во развој. Станува збор за емиграцијата на високообразовниот и стручен кадар од Македонија кој негативно се рефлектира врз развојот на економијата и целокупното општество, истакна Кралев.

Националната стратегија, информираше министерот, е веќе изработена и се очекува да биде финализирана на почетокот на следната година. Според него, тешко е да се каже конкретната бројка на одлив на кадар од земјата, бидејќи бројката често мигрира.

– Самата емиграција на кадарот е прашање кое треба да се третира од повеќе институции. Има луѓе кои заминуваат, но има и такви кои се враќаат во Македонија. Наша цел е сите групи кои на некој начин се дел од оваа појава да бидат третирани со стратегијата која ќе биде многу важна алатка за надминување на појавата, подвлече Кралев.

Директорката Мар потенцираше дека одливот на човечки капитал е вистински предизвик за многу земји, а и Македонија во тој поглед не исклучок.

– Многу образовани и вешти професионалци од Македонија бараат начин да работат и живеат надвор. Многу студенти ги завршуваат студиите надвор од земјата и остануваат во странство за да ги продолжат нивните кариери, а секој од овие поединци е губиток на човечки капитал за земјата, рече Мар.

Таа нагласи дека мрежата „Ѕес“ на УСАИД е добро подготвена да му помогне на Министерството за образование и наука да го сопре одливот на човечки капитал.