Над 122.000 лица лани посетувале неформално образование

8

kancelarija-pixabay

Фото: Pixabay

Во текот на минатата година, вкупно 122.567 лица посетувале неформално образование, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според возраста, најголем дел или 47.168 се на возраст од 25 до 34 години, додека најмалку во неформално образование се вклучени лица на возраст од 55 до 64 години (12.967).

Од вкупниот број на лица што посетувале неформално образование, вработени се 107.390 лица, 6.370 лица се невработени, додека 8.807 лица припаѓаат во групата на неактивно население.

Врз основа на професиите, најголем интерес за неформално образование имале стручњаци и научници (54.136), зад нив припаѓаат вработени во групата техничари и сродни работници (17.983), а по нив се вработени во услужни дејности и продажба (15.586).

Под поимот неформално образование се подразбира институционализирано образование што се изведува во работнички универзитети, училишта за странски јазики, компјутери, музика, танци, а вклучува и учество на семинари, конференции и работилници. Овој вид на образование се изведува со помош на професионално квалификувани наставници или предавачи и образовна програма што придонесува за зголемување на знаењето на индивидуалецот, но е надвор о редовниот образовен систем.