Над пет милиони Италијанци немаат ни за основни потреби

38

Од почетокот на пандемијата, бројот на Италијанци кои се сметаат за сиромашни се зголеми за еден милион, па сега 5,2 милиони луѓе немаат доволно ниту за основни потреби, пишува италијанскиот весник Manifesto.

Порастот на сиромаштијата е последица од економската криза којашто ја предизвика пандемијата, а бројот на сиромашни сигурно ќе се зголеми кога ќе престане да важи владината уредба за забрана за отпуштање од работа и забрана за исфрлање на станарите од изнајмени станови.

Двете уредби, како што наведува весникот, истекуваат во јуни и не е познато дали ќе бидат продолжени.

По една година од почетокот на пандемијата, два милиони италијански семејства живеат во апсолутна сиромаштија, што во однос на периодот од пред пандемијата е за 335.000 повеќе.

Италијанците кои осиромашиле за време на пандемијата, пред кризата имале работа и редовни приходи, а највеќе меѓу сиромашните се оние кои имале привремена работа или работеле непријавено.

Кризата најмногу ги погоди жените, а податоците велат дека скоро пола милион работни места на коишто биле вработени жени веќе не постојат.

Фото: Pexels