Наградите се поттик за повеќе работа и поголема соработка со тимот

239

За тоа дека може да се стане успешен и кога “картите“ покажуваат дека тоа е невозможно, разговаравме со Луис Ротгер, креативен директор во рекламната агенција Geometry Prague од Чешка. Без малку да остане без средношколска диплома, Ротгер денес е успешно и познато име во рекламната индустрија и годинава беше еден од учесниците на фестивалот Golden Drum.

Бизнис Инфо: Сте започнале да создавате бизнис и добри идеи уште додека сте биле многу млад. Од каде ја добивте таа инспирација, што ве мотивираше?

Ја имав таа среќа да дознаам што сакам до животот на свои 16 години. Но, не беше лесно да се фокусирам на тоа. И покрај фактот што имав родители кои и самите станале претприемачи на млади години, јас бев прилично лош ученик, кој неколку пати беше пред исклучување. Затоа моите родители ме охрабруваа да пробувам различни работи, па работев како доставувач на пица, на каса во супермаркет и во хотел. На тој начин сакаа да ми покажат што ќе се случи ако се откажам од моите соништа. И поради некоја причина не се откажав и еве ме сега како се обидувам да бидам подобар секој ден.

Бизнис Инфо: На што работите во моментов, која е приказната зад вашиот моментален креативен потфат?

Во моментов работам на неколку нови идеи. Сè уште се во развој, па не можам ништо конкретно да споделам. Секогаш се обидувам да помогнам во Geometry онолку колку што можам, во врска со нови бизниси, постоечки клиенти, нови идеи и слично. Ако ги продадеме тие нови идеи на нашите клиенти, 2020 година ќе започне многу возбудливо и ќе имаме многу работа. Се надевам дека тоа ќе се случи, затоа што навистина уживам кога идеите стануваат реалност. Тој дел од процесот најмногу ми се допаѓа.

Бизнис Инфо: Сте соработувале со многу познати имиња. Можете ли да се сетите на некој интерес момент/анегдота со некој од тие брендови?

Имало многу интересни моменти, секако. Но, се присетувам на еден победнички pitching во 2015 година. Тој беше мој прв ваков настан во Прага и кога ја добивме наградата бев прилично збунет, мислам дека никогаш не сум искусил такво нешто. Работев во Havas Worldwide и нè повикаа на тендер за национална кампања, за којашто клиентот сакаше да биде единствена за две работи, бренд за чај и кафе. Само една ТВ содржина, веб страна, печатено издание итн. и се почувствував како да продавам автомобили и мотори со истата кампања. Можете да замислите колку бев збунет. Прв маркетинг бриф во нова земја и нова агенција. За среќа не беа сите такви.


Бизнис Инфо: Во што повеќе уживате во споделување на знаењето или на креирање на нова кампања?

Дефинитивно сакам да споделувам работи со останатите луѓе и да им помагам да бидат подобри. Не се сомневам во тоа. Но, не можам да се замислам себе си како го правам само тоа. Сакам да создавам работи, тоа ме прави вистински среќен. Мислам дека во блиска иднина би сакал да предавам креативност на некој универзитет, но мојата моментална амбиција е да ја развивам својата кариера за да можам да инспирирам повеќе луѓе да создаваат работи од коишто ќе се гордеат.

Бизнис Инфо: Имате добиено многу награди за вашата работа. Што претставуваат тие за вас?

За мене тоа се многу добри моменти. Не поради самата награда, туку поради фактот што споделувам многу убави моменти со колегите, клиентите и пријателите дискутирајќи и правејќи ја идејата подобра. Тоа е поради долгите ноќи поминати во канцеларија, работејќи на секој детаљ, возбудата по добивањето на мејл од Кан, каде се вели дека сум го добил признанието Lion и чувството откако клиентот ќе ја одобри идејата. Не знам, мислам дека е убаво кога жирито ќе го награди проектот на којшто си работел со месеци. Тоа е супер за тимот и не охрабрува да работиме уште повеќе. Мислам дека наградите им помагаат на тимовите да станат подобри и заеднички да работат.

Бизнис Инфо: Како ќе го опишете овогодинешното учество на фестивалот Golden Drum?

Беше неверојатно. Да се биде дел од фестивалот е прекрасно искуство. Мислам дека Golden Drum е најдобриот фестивал во Централна и Источна Европа и за мене беше огромна чест што учествував. Се надевам дека еден ден ќе го “искусам“ како дел од жирито.