
По повод одбележување на светскиот ден на сиромаштијата, 17-ти октомври, со цел подигање на општествената свест за донирање на храна на оние на кои таа им е најпотребна, граѓанската иницијатива Мрдни со Прст заедно со Црвен Крст на Град Скопје, организацијата Ајде Македонија, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства Љубезност, Сојуз на извидници на РМ и организацијата АДРА во Скопје организираа акција за донација на храна со поставување на пет штандови за донирање на конзервирана и нерасиплива храна.
Акцијата симболично наречена Нахрани 1.000 наиде на огромен одзив од страна на граѓаните, бизнис заедницата и вработените од 16 компании во Скопје. Имено, за само еден ден на петте поставени штанда во главниот гради и од 16-те компании што се приклучија на акцијата за донирање на Мрдни со Прст, беше собрана храна со вкупна тежина од пет тона, што според пресметките значи над 16.000 обезбедени оброци само преку оваа акција.
Според организаторите, одѕивот и интересот на граѓаните и компаниите за акцијата ги надмина очекувањата, имајќи го предвид фактот што оваа акција беше организирана за прв пат во Македонија. Со ова, се потврдува и потребата за почесто организирање на настани од ваков вид, но и можно претворање на оваа акција во традиционален годишен настан, бидејќи како што велат тие, граѓаните од ранливите категории секојдневно се соочуваат со недостаток на храна.
Кон акцијата, покрај граѓаните, се придружија и веќе препознаените општествено одговорни компании и вработените на Бимилк, Пивара Скопје, Вип, Авицена Лабораторија, Тинекс, Меккен Скопје, Динерс Клуб Македонија, НЛБ Банка, Шпаркасе Банка, Октa, Осигурување Македонија, ИОМ, Олимпија Моторс, Консалтинг Интер Скопје, Виталија и Студио Модерна.
Организаторите ја упатија нивната огромна благодарност до сите поединци и компании кои мрднаа со прст и кои овозможија нивните сограѓани кои се соочуваат со проблемот со недостаток на храна да имаат топол оброк.














