Најголемиот фонд во светот беше поим за стабилност, а сега губи милијарди

251

Норвешкиот пензиски фонд или т.н. фонд за стабилизација објави дека во првата половина на 2020 година забележал загуба на инвестициите од 188 милијарди норвешки круни (21,27 милијарди долари), како резултат на падот на вредноста на акциите и портфолиото на недвижностите за време на пандемијата на коронавирусот.

Најголемиот фонд во светот инвестира во секторот на нафта и гас за исплата на пензии на норвешки државјани и моментно управува со средства во вредност од вкупно 1.150 милијарди долари, трипати поголем од домашниот БДП.

Тековната вредност на фондот одговара на околу 214 илјади долари заштеди во пензија за секој граѓанин на Норвешка.

Фондот има удели во околу 9.200 компании од целиот свет и поседува 1,5 % од сите акции котирани на берзите. Инвестира и во обврзници и недвижнини. Во 2019 година, фондот оствари рекордни 180 милијарди приходи од профит благодарение на силниот раст на берзата.

Сепак, во првите шест месеци од оваа година оствари негативен поврат на инвестицијата, од минус 3,4%.

Приносите во портфолиото на берза паднаа за 6,8 %, со најголем пад, за 33,1%, забележани од акциите на нафтените компании, како резултат на падот на цената на нафтата. Најголем пораст на приносот, за 14,2 %, оствари фондот на акциите на технолошките компании.

Владата повлече 167 милијарди круни од фондот во првата половина од годината за поддршка на домашната економија за време на пандемијата. Во текот на целата минатата година, фондот забележа нето-прилив од 18 милијарди круни.

Фото: Pixabay