Најмалку фискални сметки се издаваат за извршени услуги

24

fiskalna-kasa

Фото: Pixabay

Во Македонија најмалку се издаваат фискални сметки за услуги за одржување и за поправки на домот, за изнајмување имот, како и за занаетчиски услуги, а најредовно за професионални услуги, покажуваат денеска објавените резултати од истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), јавува Миа.

Теренската анкета е спроведена во мај и јуни минатата година врз 1.097 испитаници на територијата на Македонија, со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности и да ги спореди со резултатите од ваквата анкета од октомври 2014 година.

Повеќе од  половина од испитаниците, 54%, изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги во последните три месеци сметани од моментот на анкетирање.

За услуги за одржување на домот, фискална сметка била издадена на 17% од испитаниците, за поправки на дом 21%, за изнајмување имот 30%, а за занаетчиски услуги 36% проценти. Вкупно 85% од испитаниците, пак, добиле фискални сметки за професионалните услуги, како што се сметководство, психолог/психијатар, архитектура/дизајн, како и за транспортни услуги (75 проценти). Поголемиот степен на даночна дисциплина кај професионалните и транспортните услуги, според ЦИКП, се должи на поголемиот степен на законска регулираност на тие економски гранки и построга и посеопфатна контрола од страна на одговорните институции (УЈП, Финансиска полиција, инспекторати…).

Според анкетата на ЦИКП, неиздавањето фискални сметки за извршени услуги е поголем и похроничен проблем од издавањето фискални сметки за стоки и разни добра. Кога се работи за даночна евазија поврзана со издавањето фискални сметки за разни стоки и добра има со издавањето фискални сметки за разни стоки и добра има непроменета ситуација и во 2014 и 2016 година. Околу 13% од испитаниците во минатиот месец немаат добиено фискална сметка за козметички производи, околу 17% за облека и обувки и околу 11% за храна и разни намирници.

Даночната дисциплина бележи двојно влошување во категоријата алкохол и тутун, каде што дури на 20% од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец споредено со 12% од испитаниците во 2014 година. Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци, а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса, потенцира Центарот за истражување и развој на политики.

Според ЦИКП, охрабрува тоа што според податоците од анкетата граѓаните се посвесни за важноста на плаќањето даноци и почесто се изјаснуваат дека неплаќањето даноци не треба да се толерира. Вкупно 71% од испитаниците не се согласуваат дека неплаќањето даноци треба да се толерира (во споредба со 61% во 2014г), а 75% се свесни дека неплатените даноци негативно влијаат на локалната економија (во споредба со 68% во 2014).

Центарот за истражување и развој на политики наведува дека како и повеќето од 28-те земји од ЕУ, Македонија применува мерки насочени кон непријавената работа и даночната евазија, кои главно се насочени кон репресивни и казнени мерки, со исклучок на некои скорешни мерки за формализирање на работните места и бизнисите.