Најмногу од депозитите на граѓаните спаѓаат во осигураните до 30.000 евра

45

Најголемиот дел од штедните влогови на граѓаните во банките и штедилниците се осигурани во Фондот за осигурување депозити, којшто во моментов има средства над законски утврдениот минимум, а оттаму велат дека имаат на располагање механизми, доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност и се јави потреба за исплата на обесштетување, односно настане ризичен настан, пренесува МИА.

Податоците покажуваат дека вкупните депозити на населението кај членките на ФОД изнесуваат 299,9 милијарди, односно 4,86 милијарди евра, а заклучно со 31 декември осигурените депозити изнесуваат 214,3 милијарди денари.

Согласно актуелното законско решение Фондот ги обесштетува осигурените депозити до 30.000 евра во денарска противвредност, оние над тој износ, како во случајот и со Еуростандард банка, се пријавуваат како побарувања од стечајната маса. Од ФОД велат дека заклучно со 28 февруари 2021 година Фондот за осигурување на депозити исплатил износ од 3,6 милијарди денари и близу 58 милиони евра или 86,04 отсто од вкупната обврска за обесштетување на депонентите на Еуростандард банка АД Скопје во стечај во износ од 4,17 милијарди денари, односно близу 68 милиони евра.

“Сите депозити над овој износ согласно законската регулатива се пријавени како побарувања од стечајната маса на Еуростандард банка АД Скопје во стечај“, наведуваат од Фондот.

Од Фондот истакнуваат дека вкупните парични средства кај нив изнесуваат 4,9 отсто од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во државата што е над законски утврдениот минимум од 4 отсто. Доколку се случи да се намалат средствата под овој законски утврден минимум имаат на располагање механизам за зголемување на премијата која ја наплатува од членките на Фондот за осигурување на депозити која во моментот изнесува 0,25 отсто годишно од вкупните депозити во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница.

Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити (член 8) доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност, а се јави потреба за исплата на обесштетување, односно настане ризичен настан, Фондот обезбедува дополнителни средства преку:

1) дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите уплатени во месецот кој му претходи на месецот во кој настанал ризичниот настан;

2) задолжување во земјата и странство;

3) позајмици од Буџетот на Република Македонија.

Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити (член 8) доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност, а се јави потреба за исплата на обесштетување, односно настане ризичен настан, Фондот обезбедува дополнителни средства преку: дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите уплатени во месецот кој му претходи на месецот во кој настанал ризичниот настан, преку задолжување во земјата и странство и позајмици од Буџетот на Република Македонија.

Пред Уставниот суд денеска е иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, кој се однесува на обесштетување на штедачите во случај на стечај. Одлуката ја чекаат оштетените штедачи од Еуростандард банка, кои утрово се собраа пред Уставниот суд.

“Денеска сме повторно пред Уставниот суд, со надеж дека конечно ќе преовлада правдата и ќе победи правната држава“, наведоа тие утрово.

Како што наведуваат тие со член 163 од Законот Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител со приоритетно право за наплата во однос на сите други доверители во случај на стечај на банка, меѓутоа одредбата со која Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата од стечајната маса, е очигледно неуставна и затоа, сметаат дека Уставниот Суд треба да ја укине како таква и да ја стави вон сила.

Дозволата за работа на Еуростандард банка ѝ беше одземена минатата година во август.

Фото: Pexels