Најнепосетената земја во Европа: Скриен скапоцен камен без туристички гужви

Европските дестинации се најблиску до нас, но една дестинација ретко се наоѓа на врвот на листата за патувања – Лихтенштајн.

Годишно само 101.000 туристи минуваат низ ова мало кнежевство, кое се наоѓа меѓу Австрија и Швајцарија, покажуваат податоците на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO).

Со површина од само 160 квадратни километри и население од околу 39.000 жители, Лихтенштајн е една од најмалите земји во Европа.

Но, дури и во споредба со помалите земји како Монако и Сан Марино, од кои и двете примаат значително повеќе туристи, Лихтенштајн се бори да привлече посетители. Додека Монако, на пример, имаше над 300.000 туристи во 2022 година, бројката за Лихтенштајн е многу помала.

Едно од објаснувањата може да бидат ограничените туристички капацитети во земјава.

Лихтенштајн има мал капацитет за сместување со само 33 хотели и 1.357 легла на располагање. Тоа го отежнува справувањето со големиот број туристи на земјата, а не е голема ниту потребата од туризам, бидејќи економијата на земјата пред сè е водена од финансискиот и индустрискиот сектор, а не од туризмот.

Лихтенштајн исто така не е лесно достапен. Земјата нема аеродром, а најблиску се во Цирих и Фридрихшафен, за кои е потребно околу час и половина возење до главниот град Вадуц.

Железничките услуги се исто така ретки, со тоа што Лихтенштајн нема сопствен железнички систем и само неколку станици на регионалниот потег помеѓу Фелдкирх во Австрија и Букс во Швајцарија.

Сепак, Лихтенштајн нуди уникатни искуства за оние кои ја посетуваат земјата.