Најпрофитабилни сектори ланската година во Македонија

145

Минатата година 57 акционерски друштва од стопанството (64,04%) оствариле нето добивка во вкупен износ од 8.570,04 милиони денари, а 32 (35,96%) искажале нето загуба во вкупен износ од 1.171,74 милиони денари, покажува извештајот на Комисијата за хартии од вредност.

Минатата година, од овие 89 друштва, 65 друштва (73,03% од друштвата) 2019 година ја завршиле со нето добивка во вкупен износ од 7.943,31 милиони денари, додека 24 друштва (26,97% од друштвата) 2019 година ја завршиле со нето загуба во вкупен износ од 995,39 милиони денари.

Три друштва 2020 година ја завршиле со оперативна загуба, но реализирале нето добивка, односно позитивен финансиски резултат што се должи на приходите од финансирање, а не на нивното редовно работење. Од друга страна, три друштва годината ја завршиле со оперативна добивка, но реализирале нето загуба.

Анализирано по сектори, највисока нето добивка во 2020 година имал секторот индустрија (4,809.38 милиони денари), додека една година претходно таа била на ниво од 3,248.22 милиони денари, што е пораст од 48,06%.

Секторот услуги лани имаше вкупна добивка од 1,734.17 милиони денари, додека на крајот на 2019 година 0,02% помалку или 1,733.75 милиони денари. Фармацевтскиот сектор во 2020 година прокнижи добивка од 1,331.24 милиони денари или 15,84% повеќе во споредба со 2019 година (1,149.25 милиони денари).

Најголем пад на добивките (2020 vs 2019 година) има во секторот угостителство и тоа за 94,66%, па така ланската година компании од овој сектор прикажаа добивка од 7.68 милиони денари, додека на крајот на 2019 година тие имаа 143.87 милиони денари.

Секторот што, исто така, забележува голем пад на добивките е и градежништвото и тоа за 76,17%. На крајот на 2020 година, компании што котираат на берза од овој сектор прикажаа добивка од 83.68 милиони денари, а една година претходно 351.15 милиони денари.

Кај друштвата од секторите угостителство, градежништво и трговија со нафта се забележува пад на нето добивките во 2020 година во однос на 2019, додека друштвата од секторите земјоделство, индустрија, трговија и фармација бележат пораст на износот на остварената нето добивка во 2020 година во однос на 2019. Вкупниот износ на нето добивката остварена од друштвата од секторот услуги е на речиси исто ниво како минатата година.

Акционерските друштва од стопанството кои објавиле неревидирани финансиски извештаи заклучно со 01.04.2021 година, во периодот 01.01.-31.12.2020 година реализирале приходи од редовно работење во вкупен износ од 116.992,28 милиони денари, што е намалување за 14,96% во однос на вкупно остварените приходи од редовно работење за истиот период лани (01.01-31.12.2019 година), кога овие друштва реализирале оперативни приходи во вкупен износ од 137.572,90 милиони денари.

Најголем дел од остварените приходи во 2020 година се остварени од друштвата од секторите индустрија (36,43%), трговија со нафта (27,53%), услуги (13,72%) и фармација (11,83%), додека значително помало е учеството на другите сектори во вкупно остварените приходи (градежништво со 5,99%, земјоделство со 2,62%, трговија со 1,50% и угостителство со 0,38%).

Во однос на 2020, најголем пораст во учеството во вкупните приходи од 4,39 и 2,77 процентни поени бележат друштвата од секторите индустрија и фармација респективно, додека најголем пад од 9,24 процентни поени во истиот период бележат приходите на друштвата од секторот трговија со нафта. Кај 27 друштвa од стопанството (30,34%) забележано е зголемување на приходите, 60 друштва (67,41%) реализирале помали приходи од минатата година, додека 2 друштва (2,25%) воопшто не оствариле приходи во 2020 година.

Зголемување на приходите е регистрирано кај двете друштва од секторот фармација и кај дел од друштвата од секторите индустрија, земјоделство, услуги. Намалување на приходите доминира во секторите трговија со нафта, каде двете друштва регистрираа пад на приходите од редовно работење, како и кај друштвата од секторите индустрија, трговија, угостителство и услуги. Согласно објавените информации од друштвата што регистрирале намалување на приходите, тоа во најголем дел се должи на пандемијата со КОВИД-19 и нејзиното влијание врз работењето на друштвата.

Фото: Pexels