Најстарата милијардерка има 95, а најмладата 22 години

166

Жените во светот на бизнисот се рамо до рамо со мажите. Според магазинот Forbes, од 2.095 милијардери во светот, најстарата милијардерка има 95 години. Станува збор за Ана Мариjа Бреша Каферата од Перу, која поседува 30% од Grupo Breca, холдинг поврзан со земјоделие, финансии, хотели, рудници и недвижнини. Нејзиното богатство се проценува на 1,3 милијарди долари.

Две години помлади од нејзе се милијардерките Алис Шварц и Траул Енгелхорн. Американката Шварц е коосновач на лабораторијата Bio – Rad. Таа во далечната 1952 година со својот сопруг Дејвид во мала колиба ја основаа лабораторијата што денес ѝ носи богатство од 1,5 милијарди долари. Германската Енгелхорн има поголемо богатство од нејзината врсничка од САД. На нејзината сметка има четири милијарди долари, а богатството и е благодарение на тоа што е дел од индустрискиот клан што ја основа хемиската компанија BASF во 1865 година.

Над 90 години на листата на Forbes имаат уште три жени и тоа: Вилма Тич од САД (92 години и богатство од 1,2 милијарди долари), Семахат Севим Арсел од Турција (91 година и богатство од 1,6 милијарди долари) и 90-годишната Квонг Сиу Хинг од Хонгконг со богатство од 11,9 милијарди долари.

Иако ја следеа контроверзии околу тоа дали е или не милијардерка, сепак според Forbes Кајли Џенер е најмладата богаташка со само 22 години и една милијарда долари на сметка. Една година од нејзе е постара Александра Андерсен од Норвешка со богатство од 1,1 милијарда долари, благодарение на семејниот бизнис преку инвестиционата компанија Ferd. По нејзе, најмлада меѓу милијардерките е нејзината сестра, Катарина Андерсен со 24 години и исто така 1,1 милијарда долари богатство.

Пред 30-тата година од животот, а со милијарди на сметка се и: Елизабет Фуртванглер од Германија со медиумски бизнис, 28 години и богатство од 1,2 милијарди долари и нејзината сонародничка Лиза Дрекселмаер, дел од семејниот бизнис за производство на делови за автомобили, што на 29 години ѝ донесе богатство од милијарда долари.

Фото: Pexels