Највисок раст кај вкупните депозити во последните три години

20

НБРМ ги објави податоците за монетарните движења во Македонија за месецот мај 2018 година.

Според податоците на веб страната на НБРМ, паричната маса (монетарниот агрегат М41) во мај остварил месечен раст од 1,7%, што во најголем дел се должи на растот кај краткорочните депозити, а споредено на годишна основа, во услови на раст кај сите компоненти, паричната маса е зголемена за 10,2%, што во најголем дел произлегува од растот кај депозитните пари и долгорочните депозити.

Вкупните депозити се зголемени за 1,9%, при што во услови на депозитен раст кај двата сектора, месечната промена во поголем дел произлегува од зголемувањето на депозитите на корпоративниот сектор. Инаку, овој месец се забележува засилување на депозитниот раст на годишна основа со стапка од 9,8%, што претставува највисока годишна стапка на раст од јануари 2015 година наваму.

Што се однесува до кредитите, во мај годинава е евидентиран месечен раст од 1,2%, што се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора коишто имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. Годишниот кредитен раст, пак, изнесува 6,3% и во поголем дел произлегува од растот на кредитите одобрени на секторот „домаќинства“ (придонес кон растот од 72,6%).

Повеќе информации за монетарните движења кај корпоративниот сектор и домаќинствата одделно, ќе најдете на следниов линк.