Намален индикаторот на доверба во трговијата на мало

49

Индикаторот на доверба во трговијата на мало во четвртото тримесечје од минатата година е намален за 0,2 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а е зголемен за 1,6 процентни поени во однос на истиот период претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Eкономската состојба на деловните субјекти во четвртото тримесечје од 2016 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна е и во однос на истото тримесечје од 2015 година. Се очекува дека ќе биде понеповолна во наредните две тримесечја. Количината на залихите е зголемена во однос на претходното тримесечје.

Финансиската состојба во четвртото тримесечје од 2016 година е речиси на еднакво ниво како во третото тримесечје од 2016 година, оценката за очекуваните порачки за наредниот период е дека ќе се зголемат, а очекувањата за бројот на вработените се дека ќе се намали.

Продажните цени во четвртото тримесечје од 2016 година минимално се зголемиле во однос на третото тримесечје од 2016 година, а очекувањата за продажните цени во наредните три месеци се дека ќе се зголемат.

Најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на четвртото тримесечје од 2016 година имале: зголемената конкуренција со 22%, слабата побарувачка од купувачите со 20,5% и зголемената понуда на пазарот со 19%.