Трошоците на живот во февруари оваа година, во однос на претходниот месец, се пониски за 0,1%, додека кај цените на мало намалувањето е за 0,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Намалувањето на трошоците на животот од 0,1% во февруари 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските цени на другите пекарски производи и јајцата за 1,4%, оризот и лебот за 0,9%, маслото и маснотиите за 0,8%, алкохолните пијалаци за 0,6%, месото и сушениот и преработениот зеленчук за 0,5%, брашното и другите житарките и другите млечни производи за 0,3% и безалкохолните пијалаци за 0,2%.
Во февруари, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 10,8%, авионскиот превоз на патници за 9,8%, течните горива и мазива за 6,4%, гасот за домаќинствата за 4,7%, телефонската и телефакс опремата за 4,4%, предметите за лична хигиена и здравје за 1,3%, услугите за лична хигиена за 1,2%, поправките на обувки, малите електрични апарати за домаќинствата и одржувањето и поправките на автомобилите за 0,4%, обувките за 0,3%, големите електрични апарати за домаќинствата, накитот и часовниците за 0,2%.
Пораст на трошоците на животот во февруари 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладен зеленчук, освен компирот, за 4,9%, замрзнатото овошје за 1,2%, рибата и морските плодови и свежото и разладеното овошје за 1,1%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6% и замрзнатиот зеленчук освен компирот за 0,2%.
Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај болничките услуги за 13,2%, информатичката опрема за 2,2%, средствата за чистење и одржување на домаќинството за 1,7%, цврстите горива за домаќинствата за 1,3%, текстилот за домаќинствата за 0,3%, малите алатки и останатите додатоци за домаќинствата, другите медицински производи, терапевтските апарати и опрема за 0,2%.
Трошоците на животот во февруари 2016 година, во споредба со февруари 2015 година, се на исто ниво, а цените на мало бележат намалување од 0,4%.