Намалување на трошоците на живот во јануари

19

Трошоците на живот во јануари оваа година, во однос на претходниот месец, бележат намалување од 0,8%, додека кај цените на мало има пад од 1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на животот од 0,8% во јануари 2015 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на свежото овошје за 2,6%, свежиот зеленчук за 1,9%, јајцата за 1,4%, трајните колбасичарски производи, конзервираните месни производи и безалкохолните пијалаци за 0,7%, маснотиите и замрзнатиот зеленчук за 0,6%, преработките од млеко за 0,4% и свежото млеко за 0,2%.

Во јануари, исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 13,3%, течните горива и мазива за 10,1%, гасот за домаќинствата за 5,8%, лековите за 4,3%, велосипедите за 3,1%, обувките за 2,3%, средствата за лична хигиена за 2,1%, услугите за сместување за 1,5% и текстилот за домаќинствата за 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во јануари 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај конзервираната риба за 1,3%, тестенините за 1%, рибата за 0,9%, другите неспомнати прехранбени производи за 0,6%, сувомеснатите производи за 0,5%, другите пецива за 0,4% и месото за 0,3%.

Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 3,7%, тутунот и материјалите за одржување на станот за 2,1%, цврстите горива, апаратите за домаќинствата и садовите и прибор за домаќинствата за 0,8%, производите и услугите за одржување на станот и информатичката опрема за 0,4%, пакет – туристичките арамжмани и исхраната во рестораните и хотелите за 0,3%.

Трошоците на животот во јануари 2015 година, во споредба со јануари 2014 година, бележат намалување од 1,5%, а кај цените на мало има намалување од 4,6%.