Народната банка ги презеде сите мерки што ѝ беа на располагање за да ги заштити интересите на штедачите во „Еуростандард банка”

25

По повод протестот на дел од штедачите во Еуростандард банка АД Скопје – сега во стечај, со депозити над законски гарантираниот износ за обештетување од 30.000 евра или со депозити коишто не се предмет на обештетување од страна на Фондот за осигурување на депозити, со цел правилно информирање, би сакале уште еднаш да се обратиме со известување до нив и до целата јавност.

Во рамки на својот мандат и согласно со своите законски надлежности, Народната банка, пред укинувањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка” ги презеде сите расположливи соодветни супервизорски мерки за заштита на интересот на доверителите. Народната банка вложи и огромни напори за сопствениците на „Еуростандард банка” да го уплатат неопходниот капитал за опстанок на Банката, што ќе беше најповолно решение  за штедачите. Откако беше констатирано дека и од сопствениците, и од потенцијалниот инвеститор посочен од нив нема подготвеност за вложување на потребниот капитал за законито и сигурно работење на Банката, единствениот начин да се заштити интересот на доверителите беше Народната банка да ја укине дозволата за работа на Банката и до надлежниот суд да предложи отворање стечајна постапка.

Со укинувањето на дозволата на Банката се активираше законскиот механизам за брзо обесштетување на осигурените депозити преку Фондот за осигурување на депозити, до законски гарантираниот максимален износ од 30.000 евра, а со отворањето на стечајната постапка, имотот на Банката се стави на располагање на сите доверители.

Во периодот од укинувањето на дозволата до започнување со работа на стечајниот управник, согласно со своите законски надлежности, Народната банка спроведе активности со кои го заштити имотот на „Еуростандард банка”, што е важно за спроведувањето на стечајната постапка во којашто се подмируваат побарувањата на доверителите.

Стечајната постапка којашто ја води стечајниот управник назначен од надлежниот суд, ја следи и контролира Одбор на доверители, којшто има законска можност да се заложи за ефикасноста на постапката. Во Одборот чиишто членови согласно со Закон ги предлага стечајниот управник, може да членуваат и претставник / претставници на штедачите – физички лица со депозити над 30.000 евра, како и претставници на правните лица – депоненти. И стечајниот управник и Одборот на доверители треба да обезбедат што е можно побрзо и поефикасно спроведување на стечајната постапка, од што зависи и наплата на побарувањата на депонентите кои не се предмет на обесштетување преку Фондот за осигурување на депозити. Потсетуваме дека согласно со Закон, Народната банка нема надлежности во спроведувањето на стечајната постапка.

Како што  веќе ја имаме известено јавноста, при поднесувањето кривична пријава до Јавното обвинителство, против поранешни одговорни лица во „Еуростандард банка” АД Скопје – сега во стечај, Народната банка предложи и преземање мерки коишто се во насока на натамошна заштита на интересите на доверителите на Банката.

Истовремено, потсетуваме дека за сите констатирани индиции за неправилности во работењето на „Еуростандард банка” коишто се во надлежност на други институции, Народната банка уште пред одземањето на дозволата на Банката има доставено соодветни известувања.