Народната банка предупредува: 73% од кредитите за станови се пријавени за живеење, но без контрола

Иако дури 73% од становите купени со кредит се пријавуваат како живеалишта, Народната банка предупредува дека изјавите кои ги даваат кредитобарателите често остануваат само формалност. Гувернерот Трајко Славески апелира до банките да воведат реална контрола и да проверуваат дали станот навистина се користи за живеење

Лицата кои ќе сакаат да купат стан за живеење и кои првпат ќе аплицираат за кредит ќе имаат поповолни услови од оние кои купуваат стан за други намени. Мерките што ги подготвува Народната банка, а се во оваа насока, се очекува да бидат објавени за една до две недели.

„Релативно готови сме со мерките со коишто ќе ги олесниме условите за оние кои по првпат купуваат стан за живеење, а значително ќе ги затегнеме критериумите со соработка со банките за купување на стан инвестиција кој нема да служи за живеење. Ова што се случува на пазарот на станови во Репубика Македонија посебно во неколку градови, најмногу во главниот град, ги става во многу незавидна ситуација младите брачни парови или самци кои сакаат да го решат станбеното прашање затоа што цените се премногу високи од аспект на заработката. Ние не сакаме овој тренд да продолжи и мислам дека како Народна банка имаме инструменти со кои тоа ќе го постигнеме“, изјави денеска гувернерот на Народната банка Трајко Славевски.

Вели дека се во контакт со банките и дека добиени се нивните предлози од кои дел се прифатени. Во однос на мерките, гувернерот не откри детали освен што на новинарско прашање рече дека повеќе е за поврат на данокот на додадена вредност на лицата кои за првпат купуваат стан.

Смета дека враќањето на данокот од пет на 18 проценти, не би било во колизија со овие мерки. – Ќе има приспособување, изјави Славески.

Според него, секаде во светот постои јасна дистинкција меѓу кредитирањето на објекти за живеење и објекти како инвестиција, а и лицата кои земаат кредит за да го решат станбеното прашање се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот.

„Лицата кои позајмуваат пари од банките за објекти во кои живеат се со многу помал ризик од аспект на сервисирање на кредитот односно ако сте го ставиле под хипотека живеалиштето едноставно ќе настојувате да се вклопите во рамки на своите доходи за да не се доведете во ситуација да доцните со кредитот и не дај Боже да мора да го отстапите станот доколку не може да го плаќате кредитот“, истакна Славески.

Гувернерот со апел и до банките – изјавите што ги потпишуваат кредитобарателите да не бидат само формалност.

“Имаме податок дека кај околу 73 проценти од становите кои се купени на кредит, во изјавите стои дека се наменети за живеење, но тоа никој не го проверува. Никој не проверува дали е променета адресата на живеење и.т.н. Во многу држави во светот банките ги следат кредитобарателите дали го промениле живеалиштето и доколку се утврди дека е дадена лажна изјава дека ќе живеат во станот којшто го купувате на кредит, тоа се смета за тешка измама и банката има право веднаш да побара да го вратат кредитот или да го намали рокот на отплата на кредитот на помалку години“, изјави Славевски.

Директорот на Агенцијата за катастар Иван Живковски, со кого денеска гувернерот имаше средба, најавува дека до крајот на септември би требало да биде готов и регистарот на цени за закупнини којшто неколку години не функционира.