Нашиот банкарски сектор е високо ликвиден и со солидна профитабилност

103

Во Народната банка се одржа 35-тата бсесија на Клубот на истражувачите, на која по поздравното обраќање на вицегувернерката Ана Митреска беше презентиран истражувачкиот труд Детерминанти на ликвидноста и нејзината поврзаност со профитабилноста: Случајот на македонскиот банкарски сектор од проф. д-р Ѓорѓи Гоцков и Горан Христовски од Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Во првиот дел од трудот авторите даваат осврт на ликвидноста и профитабилноста во македонскиот банкарски сектор, при што вклучуваат и куса компаративна анализа на овие показатели во однос на неколку други земји. Како што посочи Христовски во презентацијата, нашиот банкарски сектор се карактеризира со висока ликвидност и солидна профитабилност.

Во вториот дел на истражувањето, Гоцков и Христовски спроведуваат емпириско оценување на детерминантите на ликвидноста. Притоа, користена е економетриската техника генерализиран метод на моменти (ГММ) за периодот од 2007 до 2017 година. Според нивните резултати, постои позитивна врска помеѓу минатите вредности на ликвидноста, профитабилноста, износот на нефункционалните кредити и каматната стапка на благајничките записи, додека врската со големината на банката е инверзна.

По презентацијата на трудот, меѓу присутните се водеше и дискусија за повеќе прашања поврзани со него.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во март наредната година.