Научници создадоа спреј што ги штити површините од вируси 90 дена

114

Научниците од Хонг Конг развиле антивирусна обвивка која би можела да ги заштити површините од коронавирус 90 дена.

Продажбата на спрејот којшто ги штити површините од вирусот Ковид-19 започнала во Хонгконг по цена од околу осум евра, пренесува британски Sky News.

На научниците од Hong Kong University of Science and Technology (HKUST) им требало 10 години да ја развијат оваа обвивка наречена MAP-1.

Според нивните зборови, оваа супстанца може да се распрска по површините на јавните места, како што се кваките и лифтовите, а заштитува од коронавирусот.

“Овие места често се допираат и на тој начин стануваат многу ефикасни преносители на болеста“, вели професорот Џозеф Кван, еден од главните истражувачи од HKUST.

Спрејот е направен од милиони нано- капсули со дезинфекциски средства коишто остануваат ефикасни во уништување на бактериите, вирусите и спорите дури и откако ќе се исуши, вели професорот Кван.

Тој вели дека ефикасноста на МАР-1 е зголемена со полимери чувствителни на топло, кои се распаѓаат при допир со луѓето и ослободуваат дезинфекциски средства – за разлика од вообичаените средства за дезинфекција како што се белило или алкохол.

Спрејот исто така е нетоксичен и безбеден за кожа и околина, тврдат истражувачите.

Тој е одобрен за службена и масовна употреба во февруари, по клинички испитувања во болницата во Хонг Конг.

Фото:Pixabay