НБ: Ликвидноста на банки се задржа на стабилни и високо ниво

37

Ликвидноста на банките се задржа на стабилно и високо ниво, поради што банките имаа слаба потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Од аспект на тековите на ликвидност во банкарскиот систем, сезонски повисоката побарувачка на денарска готовина на населението беше целосно надоместена од емисијата на денарски средства од Народната банка, остварена со интервенциите за откуп на девизи на девизниот пазар, беше оценето на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка.

Конкретно во јули, Народната банка откупи 43,8 милиони евра. Високиот месечен износ врз основа на интервенции беше остварен во услови на зголемен откуп на девизи на банките во трансакциите со менувачниците, што е вообичаено сезонско движење, а во јули годинава се оствари во поголем обем во однос на истиот месец претходните години. Банките ја искористија девизната ликвидност за задоволување на побарувачката на сопствениот и на меѓубанкарскиот девизен пазар, а вишокот девизни средства беше откупен од Народната банка. Откупот на девизниот пазар продолжи и на почетокот на август, при што збирно од почеток на годината, заклучно со 13 август, Народната банка има откупено 174,55 милиони евра.

Банките продолжија да го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јули покажуваат натамошен раст на годишна основа, кој кај кредитите е нешто поумерен.

Фото: Pixabay