НБ: Не подготвуваме регулатива за криптовалути, но ги следиме практиките на централните банки од ЕУ

106

Биткоинот во последната година доби на популарност и сега со него тргуваат и обични луѓе, инвестициони фондови и големи корпорации. Некои дури и земаат кредити за да купат поголем износ од таа крипто валута, чија вредност е скоро 10 пати поголема од минатиот март.

Во земјите од регионот се тргува со криптовалути, во Македонија тие се сè уште во доменот на непознатото.

Во однос на тоа дали во иднина би можело да се донесе законска рамка со која ќе може да се регулира трговијата со криптовалути, од Народната банка за порталот Стандард велат дека во глобални рамки, тековно речиси не постои регулатива која го регулира издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средства. Додаваат дека потребата за регулирање станува сѐ поочигледна. Исто и во нашата земја, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средства не е регулирано.

“Тековно, Народната банка не подготвува одделна регулатива, но се прават анализи и се следат сите глобално актуелни прашања за крипто-средствата, следејќи ги практиките и на централните банки од ЕУ. Вложувањата во крипто-средства, по правило носат висок ризик за лицата што вложуваат во нив што во голема мера произлегува од високата волатилност на нивната вредност, а која што е значително повисока споредено со волатилноста на други, финансиски и нефинансиски средства. За краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока“, велат од Народната банка.

Лицата коишто би вложувале во крипто-средство треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула. Тие треба да имаат предвид дека крипто-средството не е издадено, ниту пак неговата вредност е гарантирана од некоја централна банка.

При вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, особено ризиците поврзани со дигиталниот простор и можноста за т.н. хакерски напади и губење на имот, предупредува Народната банка.

“Крипто-средствата не се депозити и не постои механизам преку кој вложувачите ќе бидат обештетени. Тековните анализи упатуваат дека крипто-средствата не креираат ризици по монетарната и финансиската стабилност, но лицата што би вложувале во нив треба да ги имаат предвид ризиците на коишто се изложуваат“ наведува Народната банка.

Во следниот период, од Народната банка соопштија дека ќе објават и подетални видувања околу крипто-средствата, вклучително и околу ризиците поврзани со нив.

Фото: Freepik