НБ: Продолжува трендот на намалување на просечната камата на вкупните кредити

51

Во мај 2020 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 4,83%, со што продолжи трендот на месечен и годишен пад, од 0,03 процентни поени (п.п) и 0,37 п.п., соодветно, информираат од Народна банка (НБ).

Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,10% и оствари пад на месечна и годишна основа, за 0,01 п.п. и 0,31 п.п., соодветно.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во мај годинава, бележи раст од 0,15 п.п. на месечно ниво и изнесува 3,92%, додека на годишно ниво се намали за 0,76 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,62% и забележа минимален месечен раст од 0,01 п.п. Во споредба со мај минатата година, оваа каматна стапка е пониска за 0,69 п.п.

Во мај, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор се намали за 0,04 п.п., во однос на претходниот месец и изнесува 3,97%. Надолната промена е резултат на намалувањето на сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,06 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор бележи пад од 0,51 п.п.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, овој месец, изнесува 3,71% и е зголемена за 0,05 п.п. на месечна основа. Анализирано според валутната структура, растот се должи на зголемувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,32 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.), а во услови на пад кај каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,30 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,63 п.п.

Во мај, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележи месечен пад од 0,04 п.п. и изнесува 1,24%. Надолната промена произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,09 п.п.) и каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), при остварен раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,37 п.п., во однос на мај 2019 година.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, овој месец, изнесува 0,34% и е пониска за 0,03 п.п. на месечно ниво. Падот е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,30 п.п.) и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,06 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,56 п.п.). На годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор забележа пад од 0,78 п.п.

Фото: Freepik