НБ: Раст на БДП од 3,6% во првото полугодие од 2019-та година

43

Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, растот на бруто домашниот производ (БДП) во првата половина од годината, според објавените проценети податоци, изнесува 3,6%, беше, меѓу другото, истакнато на седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка (НБ).

За третиот квартал од годината, обемот на расположливи податоци е ограничен. Засега, расположливите високофреквентни показатели за периодот јули ‒ август главно упатуваат на натамошен раст на економската активност, при засега поповолни поместувања  во  индустријата, трговијата и градежништвото, во однос на претходното тримесечје.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите девет месеци од годинава изнесува 1%, при што растот на цените е помал од очекуваниот. Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се главно надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5% засега се оценуваат како претежно надолни.

Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, расположливите податоци за билансот на плаќања за првата половина од годината покажуваат подобри остварувања, и кај тековните, и кај финансиските трансакции, во однос на априлската проекција. Во однос на податоците за третото тримесечје, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со втората декада на септември упатуваат на можност за остварување малку повисоки нето-приливи од приватни трансфери во однос на проектираните за третиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена заклучно со јули и август посочуваат на можен поголем трговски дефицит од очекуваниот за третиот квартал, согласно со априлската проекција. Девизните резерви на крајот на септември се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за септември покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, согласно со очекуваната патека во рамки на априлските проекции.

Во периодот меѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банките се зголеми, главно како резултат на интервенциите за откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. Конкретно во септември, Народната банка откупи 124,7 милиони евра, во услови кога банките трет месец по ред остваруваат нето-откуп на девизи во трансакциите со нивните клиенти. Високиот месечен износ врз основа на интервенции во еден дел беше остварен во услови на зголемена нето-понуда на девизи од нерезиденти. Покрај овие движења, за високиот месечен износ на интервенции на Народната банка придонесе и активниот пристап на управување со девизната ликвидност од страна на банките, со оглед на негативните приноси на меѓународните финансиски пазари. Откупот на девизниот пазар продолжи и на почетокот на октомври, при што збирно од почеток на годината заклучно со 7 октомври, Народната банка има откупено 366,45 милиони евра.

Во услови на висока денарска ликвидност во банкарскиот систем, банките имаа умерена потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Следствено, тие и натаму го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти.

Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и дека економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, од почетокот на годината, редовно придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања. Во вакви услови, на седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2,25% и на аукцијата на благајнички записи на 9 октомври 2019 година да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари, односно ист износ како износот којшто достасување.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше утврдено дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена. Притоа, повторно се укажа на неповолните ризици од надворешното окружување, коишто се понагласени во споредба со периодот на изготвување на априлските проекции. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Фото: Pixabay