НБ: Расте економската активност во првата половина од годината

18

Според најновите показатели за економската активност, таа расте во првата половина на оваа година, при годишен раст на БДП од 3,6%, меѓу другото, беше истакнато на седница на Советот на Народна банка (НБ).

Новите расположливи податоци за третото тримесечје посочуваат на натамошен раст. Инфлацијата и понатаму е во зоната на умерени промени, при просечен годишен раст на цените од 1,1% во првите осум месеци од 2019 година, што е нешто помалку од очекувањата. Во дискусијата повторно беше нагласено дека неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму е главниот ризик за  динамиката на инфлацијата.

На седницата, посебен фокус беше ставен на надворешната позиција, којашто беше оцената како поволна. Нискиот дефицит во тековната сметка и финансиските приливи овозможуваат постојан откуп на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка и раст на девизните резерви. Во однос на движењата во монетарниот сектор беше одбележано дека растот на вкупните депозити и вкупните кредити е непрекинат и главно е во рамки на очекувањата.

Внимание им беше посветено и на последните оцени за глобалните економски текови, коишто упатуваат на понеповолни изгледи за глобалната економија. Натамошната ескалација на трговската војна помеѓу САД и Кина и натаму претставува главен ризик за глобалниот економски раст. Останатите ризици се однесуваат на можното поголемо забавување на растот на системски значајните економии како што се Кина и еврозоната, исклучително високата неизвесност во врска со спроведувањето на процесот Брегзит, ризиците поврзани со зголемената финансиска ранливост на одредени брзорастечки економии, сѐ поголемите дезинфлациски притисоци, како и зголемените геополитички ризици во глобални рамки.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.

Фото: Pixabay